ИЗБЕГНУВАМ ДА ЗБОРУВАМ, ТЕМАТА СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА ОД ПОЛИТИЧКИ ГЛОДАРИ – МИЦКОСКИ

╔════════════════════════════════════╗
„ИЗБЕГНУВАМ ЈАВНО ДА ЗБОРУВАМ
БИДЕЈЌИ ТЕМАТА СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА
ОД ПОЛИТИЧКИ ГЛОДАРИ.“

— Христијан Мицкоски
╚════════════════════════════════════╝

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кочани изјави дека во јавноста кружат многу шпекулации и, како што рече, дел невистини поврзани со средбата во Владата со дел од семејствата на жртвите од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Тој избегна да го коментира барањето за евентуална еднократна парична помош за семејствата на загинатите, нагласувајќи дека болката на родителите се злоупотребува за политички поени.

„Избегнувам јавно да зборувам бидејќи темата се злоупотребува од политички глодари“, изјави Мицкоски.

Но, ваквите изјави предизвикаа остра реакција кај родителите на загинатите, кои за ТВ 24 истакнаа дека единствената средба со премиерот се случила на 7 јули 2025 година и дека оттогаш немаат добиено никаков одговор на нивните барања.

Од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ порачуваат дека присуството на премиерот во Кочани, без средба со нив, е уште еден доказ за, како што велат, негрижата на државата кон семејствата на жртвите.

„Нашите деца починаа во држава која живее од социјална помош, а премиерот го интересира само како да украде, а не како да сочувствува и помогне. Да беше ова вистинска држава, досега ќе имаше спомен-обележје, специјален закон, пензии за мајките кои беа пред пензија, стипендии за братчињата и сестричките“, наведуваат родителите во нивната реакција.

Тие јавно прашуваат зошто до денес нема донесено специјален закон, зошто нема официјална комеморација, ниту институционална поддршка за семејствата погодени од трагедијата.

И по девет месеци од трагедијата во „Пулс“, родителите продолжуваат да маршираат и да бараат неселективна правда за своите загинати деца. Во меѓувреме, истрагата за полициските службеници сè уште трае, а обвинителен акт се најавува со месеци, без конкретен епилог.

Loading