НАУЧНА ОФАНЗИВА НА ВЛАДАТА: 10 пати повеќе трудови за влез на Шангајската листа

Мицкоски најавува научна офанзива: 10 пати повеќе трудови за македонските универзитети да влезат на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски најави сериозен пресврт во високото образование и науката, со јасна цел – македонските универзитети конечно да се појават меѓу првите 1.000 на престижната Шангајска листа. За тоа, како што вели, ќе биде потребно дури осум до десеткратно зголемување на научната продукција во меѓународно признати списанија.

Говорејќи од Кочани, каде присуствуваше на отворање нова детска градинка, Мицкоски истакна дека не е случајно што образованието е меѓу врвните приоритети на Владата, имајќи предвид дека и самиот доаѓа од академската фела.

„Јас сум универзитетски професор и логично е образованието да биде еден од столбовите на нашите политики. Без квалитетно образование и квалитетна наука не можеме да напредуваме ниту како нација, ниту како држава“, изјави Мицкоски.

Двојно зголемени средства за наука. Премиерот потсети дека буџетот за научно-истражувачка дејност е значително зголемен. Од 340 милиони денари во 2023 година, средствата се зголемиле на околу 680 милиони денари во 2024 и 2025 година, а за следната година се планирани 770 милиони денари.

„Дали е доволно – не е. Но е многу повеќе од затекнатата состојба и јасен сигнал дека науката станува приоритет“, нагласи тој.

Професорите мора да пишуваат повеќе. Мицкоски порача дека професорите, покрај наставната, имаат и научна обврска, и дека во наредниот период ќе се очекува поголем број трудови објавени во списанија со висок импакт фактор, индексирани во Web of Science (Thomson Reuters).

„Анализите покажуваат дека ако сакаме универзитети на Шангајската листа, мораме драстично да го зголемиме бројот на научни трудови на државно и институционално ниво“, рече премиерот.

Тој додаде дека платите на универзитетските професори веќе се значително зголемени и дека фокусот сега треба да биде насочен кон научната продукција.

Цел: барем еден универзитет на светските листи.Премиерот изрази надеж дека до крајот на мандатот, Македонија ќе има барем еден универзитет кој ќе се најде на меѓународните ранг-листи на успешност, вклучително и Шангајската листа.

Loading