МИЦКОСКИ ЈА ОТКРИ ДЕМОГРАФСКАТА СТРАТЕГИЈА: МНОГУДЕТНО СЕМЕЈСТВО КАКО ТЕМЕЛ НА ДРЖАВАТА – ГРАДИНКИ, ДАНОЧНИ ОЛЕСНУВАЊА И ПРО-СЕМЕЈНИ ПОЛИТИКИ

╔══════════════════════════════════════════════════════════════╗
❝ Политика која подразбира брак и деца е политика за иднината на државата и нацијата. Сѐ останато, оваа влада не може и нема да го промовира. ❞ – истакна премиерот
╚══════════════════════════════════════════════════════════════╝

Со низа посети на нови, реновирани и проширени градинки уште во првите денови од 2026 година, владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски јасно ги исцртува контурите на својата демографска политика. Пораката е недвосмислена – државата ќе инвестира во семејството, децата и зголемувањето на наталитетот.

Само четири дена по стартот на новата година, премиерот реализираше три посети на градинки, а за утре е најавено и отворање нова градинка во скопско Сопиште. Според Мицкоски, овие активности не се случајни, туку дел од поширока стратегија за справување со демографската криза.

„Кога на ова ќе се додадат и книгите кои ги добија првоодделенците, каде што семејството е прикажано како мајка, татко, брат, сестра и јас, тогаш јасно се дефинира правецот на политиките на оваа влада“, изјави Мицкоски.

Тој отворено порача дека владата ќе промовира про-семејни вредности, брак и раѓање деца, без страв од критики дека ваквите ставови се конзервативни.

„Политика која подразбира брак и деца е политика за иднината на државата и нацијата. Сѐ останато, оваа влада не може и нема да го промовира“, истакна премиерот.

Во таа насока, владата најавува и нов сет мерки за 2026 година: шест ин витро третмани на товар на државата, поврат на даноци за мајките за прво, второ и трето дете, како и охрабрување на општините за парцелизација за млади брачни парови по симболична цена од едно евро и ослободување од комуналии.

„За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема ученици, и за бадијала градиме автопати ако нема кој да вози по нив“, порача Мицкоски.

Владината стратегија се темели на алармантни податоци – за само пет години бројот на новородени бебиња е намален за околу 5.000. Доколку овој тренд продолжи, експертите предупредуваат дека за 20 години државата би можела да падне под еден милион жители.

Со овие политики, Владата најавува јасен пресврт кон активно поттикнување на наталитетот и зацврстување на семејството како основна клетка на општеството.

Loading