Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека главната забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинства е тоа што документот е напишан на македонски јазик. Како што истакна, освен Бугарија, ниту една друга земја членка на Европската Унија нема приговори за содржината на овој план.
Според Мицкоски, ваквиот однос уште еднаш покажува дека проблемите со Бугарија се подлабоки и немаат директна врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.
„Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас како претседател на Владата не можам, ниту ќе го прекршам Уставот. Немаме друг официјален јазик за вакви документи“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека Акцискиот план бил изработуван неколку месеци со учество на врвни експерти од Советот на Европа, вклучувајќи и меѓународно призната експертка од Италија. Планот бил усвоен на Влада и во Собранието, а за него била спроведена и јавна дебата, како што било препорачано од Брисел.
По дополнително барање, документот бил доставен до Бугарија еден ден пред официјалното испраќање, како гест на добра волја. Сепак, од Софија реагирале дека проблемот е јазикот на кој е напишан документот.
„Ако некому му пречи македонскиот јазик, тука јас не можам да помогнам. Ова покажува дека проблемот не е во малцинствата, туку дека постојат други, подлабоки намери“, нагласи премиерот.
Мицкоски додаде дека Владата останува отворена за средби и дијалог со бугарската страна, но потенцираше дека процесот на евроинтеграции не смее да се билатерализира и да се води надвор од европските принципи и меѓународното право.
![]()

