АПАСИЕВ И СЕНКАТА НА НЕРОН – Јазикот што не трпи демократија

Кога Димитар Апасиев ја повикува сенката на Нерон, тој не критикува тиранија — тој ја вежба нејзината реторика.

Во тој чин историјата не се користи како предупредување, туку како инструмент на политичка самоувереност. Наместо да нè потсети како пропаѓаат поредоците кога моќта се концентрира и кога институциите се разјадуваат, античките тирани се претвораат во морални етикети, во оружје за дисквалификација на противникот и за затворање на јавната дебата.

Историјата нè предупредува дека демократиите ретко умираат со насилство. Тие не паѓаат со тенкови и пучеви, туку со зборови што постепено го менуваат значењето на јавниот простор. Демократијата почнува да се распаѓа во моментот кога јазикот станува апсолутен, кога сомнежот се прогласува за слабост, а институциите за пречка што стои на патот на „вистинската“ народна волја. Најголемата иронија на современиот политички говор е што повикувањето на античките тирани сè почесто не служи како критика на авторитаризмот, туку како негова говорна проба — како навикнување на јавноста на логиката што тој авторитаризам ја носи.

Во тој контекст мора да се чита политичкото дејствување на Апасиев. Неговата реторика не е радикална затоа што е принципиелна, туку затоа што е исклучувачка. Таа не повикува на расправа, туку на пресуда. Кај него, противникот ретко е некој со кој  не се согласуваш — тој е некој што мора морално да се разобличи. Институцијата не е несовршен механизам што треба да се поправи, туку сомнителна структура што треба да се дискредитира. Компромисот не е политичка нужност, туку знак на слабост или предавство.

Историските аналогии што ги користи не се случајни ниту безопасни. Кога античките тирани се користат како симболички кратенки за современи политички противници, историјата престанува да биде алатка за разбирање и станува средство за мобилизација. Нерон не е значаен затоа што бил ексцесен лик, туку затоа што дејствувал во поредок во кој институциите биле сведени на форма, а одлуките произлегувале од една волја. Тоа е лекцијата што историјата ја нуди — но токму таа лекција се губи кога аналогијата се користи како навреда, а не како предупредување.

Нерон систематски ги обезвреднувал римските институции, претворајќи ги во сценографија на сопствената моќ. Апасиев ги обезвреднува институциите на демократскиот поредок преку постојано јавно негирање на нивната легитимност, прикажувајќи ги како корумпирани, излишни или непријателски. Разликата е во средствата, но не и во ефектот: институцијата престанува да биде заштита и станува мета. Наместо да се коригира, таа се понижува; наместо да се реформира, се дисквалификува.

Особено загрижувачко е што оваа реторика не се ограничува на критика на власта, туку ја напаѓа самата идеја на посредна демократија. Судството, парламентот, меѓународното право, експертското знаење — сè што не се вклопува во едноставен наратив за „народ против елити“ се третира како дел од расипан систем. На тој начин политиката престанува да биде уредување на конфликти и станува постојан лов на виновници. Тоа не е отпор, туку  подготовка за владеење без ограничувања.

Затоа прашањето каков би бил Апасиев на власт не е хипотетичка провокација, туку логичен заклучок. Таквиот јазик не создава плурализам, туку бара лојалност. Не создава институции, туку тестови на подобност. Не ја укинува демократијата одеднаш, туку ја сведува на формалност: изборите остануваат, но сомнежот исчезнува; критиката е дозволена, но однапред дискредитирана; институциите постојат, но под постојан сомнеж. Тоа е начин на владеење во кој моќта не се ограничува, туку постојано се оправдува.

Најопасното кај овој политички стил не е агресијата, туку сигурноста. Сигурноста дека вистината е веќе пронајдена. Сигурноста дека институциите се пречка, а не заштита. Сигурноста дека политиката не треба да се сомнева, туку да суди. Од таква сигурност не произлегуваат реформи, туку тивка деградација на јавниот простор.

Историјата не нè предупредува од тирани како личности, туку од јазици како методи. А кога јавниот говор се навикнува да исклучува, да понижува и да пресудува, тогаш демократијата не е загрозена во иднина — таа веќе почнува да исчезнува во сегашноста.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

Loading