Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата останува цврсто посветена на реформската агенда и исполнувањето на европските стандарди, и покрај политичките и билатералните притисоци кои го усложнуваат европскиот пат на државата.
Преку објава на својот официјален фејсбук-профил, Мицкоски информираше дека попладнево одржал работен состанок со владин тим, при што фокусот бил ставен на реформите и исполнувањето на критериумите на Европска Унија.
„Борбата за критериумите на ЕУ продолжува и покрај наметнатиот билатерален спор. Силно сме фокусирани кон стандарди за подобар живот на граѓаните. Таа борба продолжува“, напиша премиерот.
Тој истакна дека реформите не се само формална обврска во процесот на евроинтеграции, туку суштински чекор кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Според Мицкоски, Владата нема да дозволи политичките и дипломатските предизвици да го забават спроведувањето на реформите во клучните области како владеење на правото, економски развој и јавна администрација.
Со оваа порака, Владата испраќа сигнал дека европската агенда останува врвен приоритет, а реформскиот процес ќе продолжи со засилено темпо, независно од надворешните притисоци.
![]()

