„Историски момент“: Апасиев изненаден и задоволен од средбата
Лидерот на Димитар Апасиев, по вчерашната лидерска средба, ја оцени средбата како „изненадувачки, за првпат конструктивна“, што во превод од политички јазик значи – не се скарале уште на првата точка од дневниот ред.
Апасиев изјави дека е постигната начелна согласност до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик. На состанокот, како што информираше тој, се разговарало за повеќе модалитети на изборниот модел, вклучувајќи една изборна единица, со или без изборен цензус, како и старата дилема околу отворени или затворени листи – тема што редовно се „отвора“, а уште поредовно се затвора без резултат.
Според Апасиев, разговорите ќе продолжат на ниво на координаторите на пратеничките групи, заедно со дел од министрите во Владата, што најавува уште неколку „изненадувачки конструктивни“ средби.

Како дополнителни политички прашања, тој посочи дека било отворено и прашањето за укинување на техничката, односно „Пржинската“ влада – или веднаш, или по следните парламентарни избори, во зависност од ставот на СДСМ. Се разговарало и за избор на нов Народен правобранител, при што Левица предложила кандидат од ромската заедница.
Од економските теми, Апасиев изјави дека Левица го наметнала прашањето за зголемување на минималната плата согласно барањата на синдикатите, но дека за укинувањето на апанажите и ограничувањето на патните трошоци на функционерите – изненадување нема – „не наишле на разбирање“.
Тој додаде дека била отворена и темата за помош и обештетување на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, но, како што рече, за тоа немало слух, што уште еднаш потврди дека не сите теми звучат доволно „конструктивно“ кога станува збор за конкретни обврски.
![]()

