Петар Ристески, пратеник во ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин во синоќешната емисија Анализа на Телевизија 24, каде отворено говореше за лидерската средба што се одржа вчера по иницијатива на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата.
На средбата присуствуваа лидерите на сите парламентарни политички партии – освен СДС. Според Ристески, токму тоа отсуство ја отворило суштинската дилема: дали опозицијата сака конструктивен дијалог или продолжување на, како што рече, деструктивна политика.
„Мене ми е драго што конечно видовме една ваква конструктивна средба. Сите лидери на парламентарните политички партии, освен СДС, седнаа на иста маса и покажаа дека во Република Македонија може да се води нормален дијалог и дебата за важни политички и економски прашања“, истакна Ристески.
Тој нагласи дека ваквите средби ќе продолжат и дека Владата испраќа јасна порака оти дијалогот е единствениот пат за решавање на клучните државни прашања.
„Местото на СДС беше на масата“
Ристески потенцираше дека поканата била упатена до сите политички субјекти, без исклучок, и дека претседателот на СДС требало да ја искористи можноста да ги изнесе своите ставови, забелешки и предлози.
„Ако СДС е сериозна политичка партија и ако има сериозен лидер, неговото место беше заедно со сите политички лидери – да каже што мисли, да предложи законски решенија, како што тоа го направија другите“, посочи тој.
Според него, не само политичките партии, туку и дел од независните политички аналитичари јасно укажале дека бојкотот на ваква средба не ѝ доликува на партија која претендира да биде кредибилна опозиција.
„СДС како сериозна политичка партија не смее да си дозволи ваква деструктивност. Државата има потреба од конструктивна опозиција, а не од празни столчиња“, заклучи Ристески.
![]()


