ЌЕ ПРОРАБОТИ ЛИ СЕЈФ СИТИ? СОБРАНИЕТО ПРЕД КЛУЧНА ОДЛУКА

Координаторите на пратеничките групи во Собранието на Северна Македонија треба да постигнат договор околу прашањата отворени на лидерската средба, кои се однесуваат на изборот на нов Народен правобранител и донесувањето на Законот за прекршоци (Сејф сити систем).

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека очекува во краток рок да се предложи решение кое ќе биде прифатливо за сите политички субјекти, но и да се обезбеди поддршка за законот за прекршоци, за кој е потребно двотретинско мнозинство.

„Очекувам веднаш да има средба на координаторите во Собранието и да почнат со усогласување на законите за кои беше разговарано. Можно е за кратко време да имаме решение“, порача Гаши.

Спротивставени тврдења меѓу партиите

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека е постигнат договор пратениците од коалицијата предводена од ДУИ да дадат поддршка за измените во Законот за прекршоци.

„Најважните работи се разјаснети и е договорено поддршка од коалицијата предводена од ДУИ. За ова ќе биде информиран претседателот на Собранието со цел да се закаже седница“, рече Мицевски.

Од друга страна, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, го демантираше ваквиот договор, наведувајќи дека не бил поканет на координацијата и дека нема обезбедено мнозинство.

„Не бев поканет на координацијата. Присуствуваа ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ВЛЕН и ДУИ. Првично беше најавена седница, но потоа беше откажана бидејќи нема мнозинство“, изјави Спасовски за ТВ21.

Владин приоритет – старт на системот од 1 февруари

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Законот за прекршоци е владин приоритет и дека мора да биде изгласан за да може Сејф сити системот да започне со функционирање од 1 февруари.

Политичките разлики околу изборот на Народниот правобранител и неизвесноста околу двотретинското мнозинство и натаму ја држат под знак прашалник динамиката на собраниската работа.

Loading