Тет-а-тет лидерската средба што ја најави Али Ахмети со премиерот Христијан Мицкоски станува сѐ поактуелна тема во македонската политичка јавност. Иако датумот сѐ уште не е конкретизиран, Мицкоски потврдува дека средбата е можна, особено во контекст на клучни законски и реформски процеси.
Премиерот посочи дека на последната лидерска средба веќе бил постигнат договор Демократска унија за интеграција да даде поддршка за проектот „Сејф сити“, кој се очекува да се најде на дневен ред на следната собраниска седница. Според него, дилемите околу ова законско решение биле расчистени уште тогаш и не гледа простор за нови калкулации.

Мицкоски не ја исклучува можноста за поединечни лидерски, односно тет-а-тет средби, не само со Ахмети, туку и со други политички лидери, доколку тоа е неопходно за носење на важни закони и спроведување на реформите.
Од друга страна, во гостување во емисијата „Анализа“ на ТВ 24, Арбр Адеми истакна дека на најавената средба меѓу Мицкоски и Ахмети ќе се разговара за избор на влада со Бадентерово мнозинство, не само во законодавниот дом, туку и за одлуките на Уставен суд на Република Северна Македонија кога станува збор за закони што бараат двојно мнозинство.

Во врска со темата за техничката влада, Оливер Спасовски за ТВ 24 изјави дека дискусија е можна, но само доколку партиите седнат на заедничка маса со претставници на Европска Унија и НАТО, со оглед дека со нивно учество беше формирана и Пржинската влада, без прецизно дефинирана временска рамка.
Во меѓувреме, од седиштето на Социјалдемократски сојуз на Македонија оценија дека одлуката Венко Филипче да не присуствува на последната лидерска средба била исправна, со цел да не се даде легитимитет на, како што велат, лошите владини политики.
Дел од темите отворени на лидерската средба ќе продолжат да се разгледуваат во Собранието, каде што веќе има координација на ниво на пратенички координатори, особено за „Сејф сити“. Во наредниот период се очекува дебата и за измените во Изборниот законик, Законот за влада, изборот на народен правобранител, како и за клучните реформски закони.
![]()

