Одлуката на САД да ја суспендира обработката на имигрантските визи се носи врз основа на проценката на американската администрација дека имиграцијата од одредени земји претставува зголемен финансиски и системски ризик за државата.
Администрацијата на Доналд Трамп објави дека САД ја суспендираат обработката на барањата за имигрантски визи за државјани од 75 земји ширум светот, меѓу кои и Македонија, Јемен и Судан. Одлуката предизвика загриженост кај илјадници апликанти, особено во земјите од Западен Балкан, бидејќи директно ги погодува оние кои планираат трајно да се преселат во Соединетите Американски Држави.

Суспензијата стапува на сила од 21 јануари и се однесува исклучиво на визите за постојан престој. На листата се најдоа земји од Африка, Азија, Јужна Америка, Блискиот Исток и Европа, а од Западен Балкан исклучок е само Србија. Иако апликациите технички ќе можат и понатаму да се поднесуваат, а интервјуа да се закажуваат, постапката нема да напредува до фаза на издавање виза.
Визите што веќе се издадени на државјани од засегнатите земји остануваат важечки. Единствен исклучок од суспензијата се двојните државјани кои аплицираат со важечки пасош од земја што не е опфатена со мерката, соопшти Стејт департмент на САД. Засега не е познато колку долго ќе трае суспензијата, а постојат стравувања дека таа може да биде и неопределена.

Американската администрација ја оправдува одлуката со намерата да се намали, како што наведуваат, прекумерниот товар што имигрантите го имаат врз системот за социјална помош. Според официјалните ставови, имигрантите мора да бидат финансиски независни и да не станат таканаречен „јавен товар“. Иако вакво правило веќе постои во американското законодавство, неговата примена досега се вршеше индивидуално, од случај до случај, а обидите за негово проширување во првиот мандат на Трамп беа поништени во 2022 година, за време на администрацијата на Џо Бајден.

Во ноември, Министерството за внатрешна безбедност повторно предложи измени на правилото за „јавен товар“, а се очекува сегашните правила да бидат суспендирани до крајот на јануари. Паралелно со оваа мерка, вториот мандат на Трамп е обележан со низа ограничувања на имиграцијата, меѓу кои целосна или делумна забрана за патување за 39 земји, рекордно ниска квота за прием на бегалци од 7.500 лица за 2026 година, како и значително зголемување на трошоците за H-1B визите на минимум 100.000 долари.
Дополнително, зголемен е бројот на агенти на ICE, што резултираше со над 600.000 депортации во текот на 2025 година, додека милиони луѓе ја напуштиле земјата доброволно. Се најавува и можност за засилен скрининг на активностите на социјалните мрежи, дури и за патници од земји кои не се на листите за забрана.
![]()

