„Пасошот не е сувенир за во џеб, туку одговорност што ја носи цела држава – и секое неодговорно доделено државјанство има цена.“ – Аматерката
Во време кога светот станува сè понесигурен, а државите сè почувствителни на ризици, пасошот одамна престана да биде обична патна исправа. Тој е симбол на доверба, доказ за припадност и гаранција дека државата стои зад својот граѓанин. Затоа, кога една држава како САД носи рестриктивни одлуки, проблемот не треба прво да го бараме надвор – туку дома.
Секоја сериозна држава има право, но и обврска, да се заштити. Да го штити својот социјален систем, безбедноста, јавниот ред и довербата на сопствените граѓани. Мерките за имиграција, колку и да звучат сурово, не се израз на ароганција, туку на државна зрелост. Тие се порака дека влезот, престојот и државјанството не се автоматско право, туку привилегија што се заслужува.
Токму тука Македонија со години прави сериозна грешка. Крајно време е да престанеме да делиме државјанства „како алва“, без строги проверки, јасни критериуми и чувство за државен интерес. Пасошот не смее да биде политичка награда, бизнис-алатка или брза административна услуга. Секое доделено државјанство носи последици – и внатре, и надвор од државата.
Проблемот не е само во тоа кому му е даден пасошот, туку и во однесувањето на дел од оние што го носат. Кога поединци со македонски пасош во странство ги кршат законите, ги злоупотребуваат социјалните системи или се обидуваат да го изиграат имиграцискиот апарат, тие не се компромитираат само себе си – ја компромитираат целата држава. Во очите на странските институции, пасошот е заеднички именител, а одговорноста е колективна.
Затоа одлуките за суспензија, рестрикции или дополнителен скрининг не се насочени против обичниот, чесен граѓанин. Тие се сигнал дека довербата е нарушена. А довербата, еднаш изгубена, се враќа тешко и бавно.
Разликата меѓу функционалните држави и слабите држави е токму во тоа: првите превентивно се штитат, вторите реагираат дури кога ќе бидат казнети. САД, како и многу други земји, не чекаат проблемот да ескалира – тие го сечат во корен. Македонија, пак, со години дозволуваше проблемите да се таложат, надевајќи се дека последиците ќе ги сноси некој друг.
А тие последици денес ги гледаме јасно. Ги гледаме во визи што се замрзнуваат, во засилени контроли, во недоверба што не е експлицитно кажана, но јасно се чувствува.
Затоа, ако нешто треба да научиме од ваквите одлуки, тоа не е дека „нè казнуваат“, туку дека пасошот не е сувенир за во џеб – туку одговорност што ја носи цела држава. Сè додека тоа не го сфатиме сериозно, ќе продолжиме да се чудиме на туѓите мерки, наместо да ги исправиме сопствените грешки.

пишува Аматерката
![]()

