Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека реконструкција на Владата нема да има веднаш и дека таа ќе дојде на дневен ред дури откако целосно ќе се формираат партиските органи и тела на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за Радио Слободна Европа, Андоновски појаснува дека по одржувањето на партискиот конгрес, приоритет ќе биде изборот на генерален секретар и комплетирањето на Извршниот, Централниот и општинските комитети, а дури потоа би можело да се разговара за евентуални кадровски промени во извршната власт.

Според него, ваквиот редослед е логичен и неопходен за стабилност и јасна политичка насока, а сите шпекулации за брза владина реконструкција ги оцени како преуранети. Андоновски нагласува дека фокусот во овој период е ставен на внатрепартиската консолидација, а не на промени во владините ресори.
Во однос на прашањето за можни предвремени парламентарни избори, министерот е дециден дека тие не се дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели, ставот на партијата е јасен и непроменет – парламентарните избори треба да се одржат во редовниот термин во 2028 година, без дополнително создавање политичка неизвесност.
![]()

