Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата останува цврсто посветена на спроведување на реформите и исполнување на обврските од Реформската агенда, по што Европската Унија ќе треба да одлучи дали пристапниот процес на државата ќе се темели на јасни критериуми или ќе продолжи неговата билатерализација.
Тој истакна дека македонскиот евроинтегративен пат е неминовно поврзан со волјата на сите 27 земји-членки на Европската Унија, меѓу кои и Бугарија, со која земјата има отворени политички прашања.

„Знаеме дека постојат проблеми, но нашата цел е јасна – да си ја завршиме домашната задача. Да ги затвориме сите прашања од Реформската агенда и да ги реализираме реформите што сме ги предвиделе. Потоа ќе оставиме на земјите-членки да одлучат дали процесот ќе биде билатерализиран или ќе се води според критериуми какви што важеле за сите претходни земји-членки на ЕУ“, изјави Мицкоски.

Во таа насока, во Владата денеска се одржа состанок посветен на Реформската агенда, на кој присуствуваа повеќе министри. На состанокот се разговарало за тековните приоритети, предизвиците и идните чекори за унапредување на реформските процеси.
Премиерот преку објава на социјалните мрежи информираше дека реформите остануваат врвен приоритет, со цел државата да биде институционално и политички подготвена за следната фаза од евроинтегративниот процес.
![]()

