КОГА ЧАСОВИТЕ СЕ АРГУМЕНТ, А УСЛОВИТЕ ФУСНОТА – ДРСКОСТ ВО ИМЕ НА РЕДОТ

ВО ЕУ УЧИЛИШТЕТО Е ПРОСТОР ЗА УЧЕЊЕ, А КАЈ НАС – ТЕСТ НА ИЗДРЖЛИВОСТ

Изјавата на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дека македонските ученици имаат околу 900 наставни часа помалку од нивните врсници во Европската Унија и дека решението е „повеќе ред“ и подолг престој во училишните клупи, ја отвора суштинската дилема: дали условите во кои учат македонските деца воопшто може да се споредуваат со европските?

Во голем дел од училиштата во Македонија наставата и понатаму се одвива во две смени, што значи  ограничено користење на кабинети и хроничен недостиг од простор. Учениците често учат во пренатрупани училници, без можност за практична работа, експерименти или интерактивна настава – нешта што се стандард во повеќето европски земји.

Реалноста најдобро се гледа уште на првата родителска средба. Наместо разговор за наставната програма, развојот на децата или поддршката што училиштето ја нуди, родителите се дочекуваат со список што треба да го донесат: тоалетна хартија, течен сапун, средства за лична хигиена, па дури и средства за чистење. Паралелно со тоа, се отвора и прашањето колку пари треба да се соберат за да се опреми училницата – од завеси и светилки, до креда, маркери и основни наставни помагала. Така, уште на стартот на учебната година, станува јасно дека државата формално обезбедува образование, но родителите го финансираат неговото функционирање, додека од децата се очекува издржливост, а не услови.

Проблемите не завршуваат тука. Сеуште постојат училиштата кои немаат доволно санитарни чворови, а постојните се во лоша состојба – нефункционални тоалети, врати без кваки, недостиг од сапун и основни хигиенски услови. Кабинетите по хемија, физика или биологија често се неопремени или постојат само на хартија, додека информатичката опрема е застарена и недоволна.

Ова е дел од реалноста:

Дополнително, учениците немаат гардеробери или шкавчиња за личните работи. Јакните и ранците се оставаат по ходници или се носат цел ден, што е спротивно на сите препораки за безбедна и хигиенска училишна средина. Уште поалармантен е фактот што услови за хранење речиси и да не постојат – нема трпезарии, нема организиран оброк, а децата јадат сендвичи во училници или стоејќи по ходници.

Во земји како Данска, Финска или Холандија, училиштето е осмислено како целодневен простор за престој: со уредни трпезарии, организирани оброци, чисти санитарни јазли и јасни хигиенски стандарди. Исхраната е дел од образовниот процес, а не импровизација.

Наставата таму се одвива во целосно опремени кабинети, со лаборатории, наставни помагала и дигитална технологија што овозможуваат практично и критичко учење. Подолгиот престој во училиште значи повеќе знаење, но и подобра грижа за децата.

Во вакви услови, инсистирањето на повеќе часови звучи како префрлање на одговорноста врз учениците, наместо решавање на системските проблеми. Повеќе часови во лоши услови не значат европско образование, туку само подолго изложување на нефункционален систем.

Затоа, ако навистина целта е приближување кон Европската Унија, тогаш споредбата не смее да се прави само преку бројот на часови. Европските стандарди почнуваат од основни услови за достоинствен престој: безбедни училници, чисти тоалети, опремени кабинети, простор за хранење и грижа за благосостојбата на учениците.

Дури потоа, разговорот за „повеќе ред“ и „повеќе часови“ ќе има смисла. Во спротивно, тоа останува уште една празна споредба – на хартија европска, а во реалност далеку од Европа.

Loading