ПОМЕЃУ УСТАВОТ И РЕФОРМИТЕ: ВРЕМЕН КЗ СО ТРАЕН ТОВАР

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, соопшти дека Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик го потпишала исклучиво како транзициско, привремено решение, сѐ до донесувањето на целосно нов Кривичен законик.

Според неа, измените биле неопходни за да се избегне можен правен вакуум, особено поради уставно спорните решенија од измените донесени во 2023 година, за кои постоела реална опасност да бидат укинати од Уставниот суд.

Сиљановска-Давкова нагласи дека иако имала сериозни забелешки, по разговори со предлагачите, Владата и по добиените уверувања дека новиот Кривичен законик е во завршна фаза, одлучила да го стави својот потпис. Дополнителна тежина за одлуката, како што посочи, имал и широкиот политички консензус, со поддршка блиска до двотретинско мнозинство во Собранието.

Како позитивни аспекти на измените, претседателката ги издвои построгите санкции за сообраќајни злоупотреби, зајакнатата заштита од полово и родово базирано насилство, како и делови поврзани со проектот „Безбеден град“. Сепак, таа потенцираше дека овие решенија не се конечни и дека ќе бидат толерирани само во исчекување на новиот Кривичен законик, кој треба да биде клучен столб на судските реформи и усогласувањето со европските стандарди.

Од друга страна, дел од граѓанскиот сектор предупреди дека измените можат да предизвикаат дополнителна правна несигурност и да ја ослабнат борбата против високата корупција, особено поради пониските максимални казни за одредени кривични дела и можните ефекти врз застарувањето на гонењето. И покрај критиките, Законот веќе е објавен во „Службен весник на РСМ“.

Loading