Србија ги игнорира предупредувањата од ЕУ: Судските реформи стапија во сила
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ги потпиша указите за прогласување на пакетот судски закони, со што тие официјално стапија во сила. Одлуката следува по нивното усвојување во Српски парламент на 28 јануари, и покрај сериозните предупредувања од Европска унија дека законските решенија претставуваат чекор наназад во евроинтеграцискиот процес на земјата.

Европска комисија веднаш по гласањето ги повика српските власти итно да ги преиспитаат законите и да ги усогласат со европските стандарди. Според Брисел, новите измени директно ја загрозуваат независноста на судската власт и автономијата на јавните обвинителства. Европската комесарка за проширување, Марта Кос, оцени дека од земјите кандидати се очекува одговорно и транспарентно постапување, нагласувајќи дека носењето на законите по забрзана постапка и без јавна дебата е сериозен удар врз реформите.

„Усвојувањето на вакви законски решенија без консултации со јавноста претставува сериозен чекор назад за Србија“, изјави Кос.
Во меѓувреме, српската опозиција остро реагираше, обвинувајќи дека вистинската цел на измените е воспоставување политичка контрола врз правосудниот систем. Според нив, со новиот закон за јавно обвинителство и измените поврзани со судиите, дополнително се намалува нивната независност. Опозициските партии потсетуваат дека сите нивни амандмани биле експресно одбиени во собраниската процедура, што, според нив, укажува на игнорирање на принципот на поделба на власта.
![]()

