Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, вчера се обрати на конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска во Загреб, каде што упати остри критики за состојбите во Северна Македонија, предупредувајќи на засилени авторитарни тенденции и сериозен застој во европската интеграција.
Конгресот на хрватските социјалдемократи беше посветен на подготовката на новата партиска програма и стратегија во пресрет на парламентарните избори, а Филипче учествуваше како гостин-говорник.

Во своето обраќање, Филипче истакна дека социјалдемократијата била и ќе остане вистинска алтернатива на радикалната десница и, како што нагласи, последниот бедем на слободата и демократијата.
Тој оцени дека Северна Македонија се соочува со растечки притисок врз демократските институции, зголемено влијание на економската и финансиската олигархија и економски политики што директно им штетат на работниците.
„И во мојата земја се соочуваме со сѐ поинтензивни авторитарни тенденции, притисок врз синдикатите, дискредитирање на организациите на граѓанското општество и на критичките, прогресивни интелектуалци. Лажниот патриотизам на премиерот и Владата е само параван зад кој се крие заштита на криминални и клиентелистички мрежи, со сериозен притисок врз правосудниот систем“, изјави Филипче.
Тој додаде дека државата е во застој на патот кон Европската Унија, нагласувајќи дека Владата го напуштила широкиот политички и општествен консензус за европската интеграција, со образложение дека е загрозен националниот идентитет.
![]()

