Словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, објави остар и директен текст по дводневната мисија во Софија, во кој без задршка ја критикува состојбата со владеењето на правото во Бугарија.
Повод за нејзината реакција е одговорот на бугарскиот министер за правда во заминување, кој на прашање зошто се игнорира јасна судска пресуда за нелегалноста на функцијата на генералниот обвинител, одговорил дека „судските одлуки во Бугарија не се игнорираат – цело време“.
Токму оваа формулација, според Јовева, е сурово, но прецизно резиме на реалната состојба во земјата.
Во својот пост таа наведува серија загрижувачки примери:
-
средби со новинари кои од институциите добиваат тужби наместо информации;
-
судии чии кариери зависат од политичка лојалност, а не од законот;
-
„привремени“ функции што траат со години и мандати што никогаш формално не завршуваат;
-
граѓански и антикорупциски организации со обемна документација, снимки и сведоштва – но без судска епилога;
-
систем во кој политички непожелните лица лесно завршуваат во затвор, додека институциите постепено се демонтираат.
„Проблемот во Бугарија не е недостиг на закони, туку недостиг на одговорност“, порачува Јовева.

Таа најави дека извештајот од мисијата на Renew Europe ќе биде директен и без разубавување, целосно заснован на факти. Доколку биде потребно, додава таа, можно е да следат и конкретни мерки од страна на Европскиот парламент и другите институции на ЕУ.
„Не за да се казни Бугарија, туку затоа што никој не е должен да живее во систем каде што законот важи само ‘од време на време’. Владеењето на правото не функционира ‘од време на време’. Или функционира – или не“, истакнува Јовева.
Нејзиниот пост за кратко време се прошири на социјалните мрежи во Бугарија и низ регионот, предизвикувајќи реакции поради директниот, безкомпромисен тон, но и поради фактот што Јовева е една од ретките европратеници со македонско потекло што јавно и отворено зборуваат за проблемите со владеењето на правото во соседните земји.
![]()

