СРАМЕН ПРЕСЕДАН И УДАР ВРЗ СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ

Новинарката Љиридона Вејсели поднесе жалба до Апелацискиот суд на пресудата со која Основниот суд во Гостивар ја казни со 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, откако во новинарски текст го објавила името на судија од Основниот суд во Тетово.

Вејсели оценува дека станува збор за опасен преседан и директен удар врз слободата на медиумите.

„Ова е срамен преседан. Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку јасна порака за заплашување на новинарите“, изјави Вејсели за МИА.

Таа посочува дека повеќе од 12 години активно работи во новинарството, главно во истражувачката област, шест години го води порталот paCensure на албански јазик и девет години предава новинарство на Државниот универзитет во Тетово.

Пресудата и образложението на судот

Вејсели е осудена по пресуда на судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар, затоа што во текст и видеа на социјалните мрежи го спомнала името на судијата Иљази во контекст на случај поврзан со кривично дело.

Според писменото образложение на пресудата, таа на 28 октомври 2024 година, без согласност на судијата, на ТикТок и Инстаграм објавила видеа во кои ги користела неговите лични податоци (име и презиме), со што, како што наведува судот, му била нанесена штета на честа и угледот во професионалната дејност.

„Само ја информирав јавноста“

Новинарката нагласува дека не изнела навреди, туку исклучиво факти од јавен интерес.

„Обработив случај во кој возрасно лице ѝ испраќало порнографски материјали и закани на малолетничка. Соработував со полицијата, лицето беше приведено, а потоа судијата Назиф Иљази изрече казна од само три месеци затвор. Јас само ја информирав јавноста кој ја донел таа одлука и ништо повеќе“, вели Вејсели.

Притисоци и закани

Таа смета дека пресудата е поврзана и со друга тема што неодамна ја објавила за случај во Гостивар, каде малолетник бил прегазен од возило, а возачот, како што тврди, бил ослободен од одговорност.

„Постојано добивам закани со тужби и повици од обвинителство. Не се чувствувам слободно. Во Тетово и Гостивар не е како во Скопје – овде прават сè за да нема новинари и јавност во судовите“, истакнува таа.

Реакции од институциите

На пресудата реагираше и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која изрази сериозна загриженост, оценувајќи дека ваквите одлуки испраќаат негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.

„Кривичното гонење новинари за објавување податоци за носители на јавни функции создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана“, соопшти АВМУ.

Случајот го осуди и премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека ваквите постапки претставуваат ограничување на слободата на говорот и дека секој напад врз новинарите е неприфатлив во демократско општество.

Loading