Од денеска на територија на Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, официјално започна имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. Со овој систем завршува периодот на опомени – камерите ќе детектираат и автоматски ќе санкционираат прекршоци без исклучок.
Во првата фаза, системот ќе регистрира четири најчести прекршоци:
– непрописно паркирање,
– пречекорување на дозволената брзина,
– минување на црвено светло и
– управување возило со истечена сообраќајна дозвола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на МТВ истакна дека целта на „Безбеден град“ не е полнење на буџетот преку казни, туку зголемување на безбедноста и спасување човечки животи. Тој информираше дека е донесен нов Правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за брзината на движење.

НОВИ ТОЛЕРАНЦИИ ЗА БРЗИНА
Според новиот правилник:
– до 50 км/ч важи толеранција од 6 км/ч (санкција од 37 км/ч нагоре ако ограничувањето е 30),
– од 50 до 100 км/ч толеранцијата е 9 км/ч (казна при 60 км/ч ако дозволеното е 50),
– над 100 км/ч толеранцијата изнесува 12 км/ч (санкција при 113 км/ч ако ограничувањето е 100).
За возачите кои ја надминуваат брзината во рамки на толеранцијата, Министерството со поддршка на Македонски телеком ќе испраќа информативни СМС-пораки – без парична казна, но со предупредување за ризикот и можната кривична одговорност доколку дојде до несреќа.

КАЗНИТЕ СЕ СТРОГИ, ПОПУСТ САМО 8 ДЕНА
Глобите за брзина се движат од 20 до 400 евра, со можност за забрана за управување и казнени поени, а во населено место можат да достигнат и 500 евра.
– Минување на црвено светло: 250 евра и забрана од 3 до 12 месеци.
– Истечена сообраќајна дозвола: 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот.
– Непрописно паркирање: од 30 до 50 евра, зависно од прекршокот.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, се плаќа половина од износот. По истекот на рокот следува целосна наплата, па дури и присилна. Возачите со три забрани во рок од четири години автоматски ја губат возачката дозвола.
Од МВР порачуваат: камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој прекршок се третира исто. „Безбеден град“ е инвестиција во побезбедни улици, помалку незгоди и повеќе спасени животи.
![]()

