КОГА СВЕТЛАТА СЕ ИЗГАСИЈА: ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВАШЕ ВО „ПУЛС“

Само пејачот на групата ДНК, Панчо, ги повикал гостите да го напуштат објектот кога избувнал пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, сведочеше вчера  Стево Манасиев на судското рочиште за трагедијата во која загинаа млади луѓе.

Според сведокот, единствениот излез бил главната врата, каде што настанал целосен хаос. Манасиев изјави дека во моментите кога се активирала пиротехниката, никој од одговорните лица не реагирал навреме, освен Панчо, кој преку микрофон побарал сите да излезат надвор и најавил дека настапот ќе продолжи по десет минути.

Манасиев, кој од 2012 до 2017–2018 година хонорарно работел како диџеј во „Пулс“, рече дека критичната вечер бил во објектот во два наврати. Првиот пат околу 22:30 часот, кога бендот ја местел опремата, а вториот пат околу 2 часот по полноќ, кога влегол без билет заедно со пријател и две деца, за кои потврди дека биле малолетни.

Тој сведочеше дека обезбедувањето ги пуштило да влезат без проблем, како и дека според негова проценка, во објектот имало меѓу 500 и 600 гости.

„По активирањето на прскалките, некој од првите маси му кажа на Панчо дека гори таванот. Дури потоа тој реагираше и ги повика сите да излезат надвор“, изјави Манасиев, додавајќи дека поминале околу пет минути од активирањето на пиротехниката до предупредувањето.

Според неговото сведочење, никој друг – ниту од менаџментот, ниту од обезбедувањето – не презел иницијатива за евакуација. Манасиев опиша драматични моменти на турканица и задушување кај излезот, при што во еден момент помислил дека нема да преживее. Децата со кои бил успеал да ги истурка напред, но не се сеќава како самиот излегол од објектот.

По настанот побарал лекарска помош во Скопје, бил хоспитализиран неколку дена, а поради сериозноста на состојбата бил испратен на лекување во Полска, каде што останал речиси еден месец.

Манасиев потврди и дека додека работел во „Пулс“ се користела пиротехника, која ја поставувало лице од Скопје, опишано како повозрасен човек, но истакна дека тоа лице не го видел вечерта на пожарот.

Денешното рочиште беше обележано и со тензии поради исказите на други сведоци, како и со бурни реакции од родителите на загинатите. На крајот од рочиштето, одбраната на дел од обвинетите побара укинување на мерката притвор и запирање на постапката, повикувајќи се на претходни одлуки на Обвинителството во одделни случаи.

Следното рочиште за пожарот во „Пулс“ е закажано за четврток, 5 февруари, кога се очекува да сведочат уште петмина сведоци.

Loading