ДКСК отвори два предмети за антикорупционерката Цвета Ристовска
Се истражуваат сомнежи за судир на интереси и непријавена фирма поврзана со нејзините синови
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори два предмети кои се однесуваат на членката на Комисијата, Цвета Ристовска. Како што брифираат од Антикорупциската за ТВ 24, во едниот предмет се испитува можен судир на интереси, додека вториот се однесува на фирма поврзана со нејзините синови.
Политичката партија Левица претходно изнесе дел од забелешките и наодите во јавноста, повикувајќи се на имотниот лист поднесен на 18 јануари 2024 година, во кој, според нив, фирма основана во 2020 година не била пријавена. Дополнително, тие посочуваат и на случај поврзан со средства од изборната кампања во 2024 година, кои една од фирмите на синовите на Ристовска ги добила во тој период.

Во кратка изјава за ТВ 24, Ристовска потврди дека пријавила судир на интереси и побарала изземање од постапувањето по предметот што се однесува на изборната кампања.
„Во текот на Претседателските избори 2024 година, ДКСК постапуваше по предмет поднесен од организаторот на изборната кампања – Гордана Сиљановска Давкова – Коалиција ‘Твоја Македонија’. Согласно член 75 од Законот, пријавив судир на интереси и побарав изземање поради тоа што мојот син имал склучен договор за изнајмување рекламен простор со подносителот на приговорот. Комисијата го прифати моето барање и јас бев изземена од понатамошно постапување“, изјави Ристовска.
Во однос на непријавувањето на фирмата во имотниот лист, Ристовска за ТВ 24 појасни дека законската обврска не се однесува на имот или фирми на членови на семејството кои не живеат во заедничко домаќинство со неа.

„Моите возрасни деца од 2017, односно 2019 година не живеат со мене во заедничко домаќинство. Својата работа ја остваруваат самостојно, без поврзаност со мојот работен статус. Во мојата работа постапувам законски, професионално и со целосен личен и професионален интегритет“, наведе таа.
Од Левица најавија дека и во наредните денови ќе објавуваат дополнителни информации поврзани со случајот и ги повикаа институциите да постапуваат. Воедно, не ја исклучуваат можноста за покренување интерпелација, по што пратениците би се изјасниле дали ќе ѝ дадат доверба на Ристовска во нејзиното работење.
Антикорупциската комисија и во изминатиот период беше под засилен фокус на јавноста, откако поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по отворањето предмет против неа за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
![]()

