ДУИ сонува враќање во Владата, но без реална покана
Демократската унија за интеграција повторно испраќа пораки што повеќе личат на политичка желба отколку на реална опција. Синоќешната изјава на партискиот потпретседател Аријанит Хоџа, дека „ДУИ нема да влезе во Владата без политички договор“, прозвучи иронично, особено ако се има предвид дека нема никаква информација дека некој воопшто ја повикал партијата на преговори.
Оттаму, ваквите изјави повеќе наликуваат на јавно нудење, отколку на сериозна политичка позиција. По речиси две години во опозиција, без видливи реформи и без суштинска внатрепартиска промена, Демократска унија за интеграција продолжува да се однесува како власта да ѝ припаѓа по дифолт, а не како партија која ја загуби довербата на значаен дел од гласачите.

Поразот на локалните избори беше јасна порака од граѓаните, но таа очигледно не беше разбрана. Наместо сериозна анализа и политичка катарза, ДУИ продолжува со старата реторика, надевајќи се дека времето само по себе ќе ѝ ја врати позицијата во извршната власт.
Во меѓувреме, додека партијата сонува за „власт“, ги губи и дел од своите поранешни коалициони партнери. Тоа дополнително ја разоткрива ерозијата со која се соочува политичкиот субјект предводен од Али Ахмети, оставајќи го прашањето отворено: дали ДУИ навистина е подготвена за промени или само за уште еден обид за враќање на старите позиции?
![]()

