Неодамна запленетата марихуана кај Крушевац, во Србија, за која тамошните истражни органи соопштија дека потекнува од Македонија, и понатаму ја бранува јавноста. Политичките тензии денеска дополнително ескалираа, откако партиите повторно влегоа во жестока меѓусебна пресметка околу одговорноста и можната вмешаност на високи функционери.
Од СДСМ тврдат дека овој случај не е изолиран инцидент, туку сериозен скандал кој, според нив, води директно до самиот врв на власта. Според опозициската партија, ваков обемен криминал не би можел да се реализира без логистика, поддршка и заштита од луѓе на влијателни позиции.
Од партијата предводена од Филипче јавно прашаа: Колку уште вакви пратки и колку тони дрога, вредни милиони евра, незабележано ја поминале границата?

На овие обвинувања реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачаа дека доколку СДСМ поседува какви било докази за вмешаност на поединци од власта, треба веднаш да ги достави до Јавно обвинителство. Во спротивно, најавуваат тужба за, како што велат, неосновани и клеветнички обвинувања.
Истовремено, од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со контраобвинувања, повикувајќи ја СДСМ да одговори зошто во фабриката за марихуана поврзана со Зоран Заев имало камиони без регистарски таблички и зошто, според нивните тврдења, Заев лично се јавувал во Царинската управа и се интересирал за конкретниот случај со марихуана.
Случајот со запленетата дрога продолжува да ја поларизира јавноста, а одговорите на клучните прашања сè уште се чекаат од надлежните институции.
![]()

