Најавените реформи во високото образование звучат амбициозно и модерно, но во својата суштина повеќе личат на префрлање на одговорноста врз академскиот кадар, отколку на системско решение за долгогодишните проблеми. Барањето за повеќе научни трудови и реизбор на професорите под построги критериуми се претставува како пат кон светските ранг-листи, но без суштинска промена на условите во кои работат универзитетите, овие мерки ризикуваат да останат само статистичка дисциплина, а не вистински квалитативен исчекор.
Државата бара резултати споредливи со водечките светски универзитети, а притоа не обезбедува ниту приближно исти финансиски, кадровски и инфраструктурни предуслови. Во таков контекст, импакт-факторот станува цел сам по себе, што може да доведе до површна продукција на трудови, зголемен притисок врз професорите и маргинализација на наставниот процес.

Особено проблематичен е новиот модел на финансирање, кој под превезот на „конкурентност“ може да ја продлабочи нееднаквоста меѓу универзитетите. Наместо рамномерен развој на високото образование, постои реална опасност средствата да се концентрираат кај неколку институции, додека останатите ќе бидат оставени во постојана борба за опстанок.
Ако реформите не бидат проследени со сериозни јавни инвестиции, транспарентни правила и вистинска поддршка за научноистражувачката работа, новите закони нема да ја издигнат академијата, туку само ќе ја формализираат кризата во која таа веќе се наоѓа.
Реизбор на универзитетските професори на секои седум години и најмалку три објавени научни труда во влијателни списанија како услов за напредување во ново звање, предвидува новиот Закон за високо образование.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека зголемувањето на научната продукција е клучно за подобрување на меѓународната позиција на македонските универзитети. Според неа, за влез меѓу најдобрите 1.000 универзитети на Шангајската ранг-листа потребни се најмалку 1.200 трудови годишно со импакт-фактор, додека домашните универзитети во моментов објавуваат меѓу 300 и 500.
Новите законски решенија предвидуваат и нов модел на финансирање, построги критериуми за академско напредување, реорганизација на Агенцијата за квалитет и промени во студиските програми.

Предлог-законите за високо образование и за квалитет во високото образование се веќе објавени на Националниот регистар на прописи (ЕНЕР), каде што јавноста може да доставува забелешки, додека законот за научноистражувачка дејност ќе биде објавен дополнително.
Со новиот модел на финансирање се воведуваат развојна и исклучителна компонента за успешност, со цел да се стимулира конкуренцијата и квалитетот меѓу универзитетите. Предност при вработување на државните универзитети ќе имаат студентите школувани на водечките светски универзитети со државна стипендија, добитниците на „Инженерски прстен“ и најдобрите дипломци.
![]()

