СЛУЧАЈ ШТО СЕ ВОДЕШЕ СО СЦЕНАРИО, НЕ СО ЗАКОН
Во случајот „Тенк“, поврзан со набавката на блиндираниот „мерцедес“, Владата немала законска обврска да распишува јавен тендер, изјави поранешната обвинителка Лејла Кадриу во Вечерното шоу на Богдан Илиевски. Според неа, станувало збор за специфична набавка што законот дозволувал да се реализира и без јавен оглас.
Кадриу нагласи дека вакви возила се користат за специјални безбедносни услови, како за државното раководство, така и за странски делегации, и дека слични практики постојат и во други држави. Таа смета дека во овој случај нема нанесена штета врз државата и дека осудените лица биле неправедно гонети.

– Злоупотреба постои само ако има штетна последица. А во овој случај, кому му е нанесена штета? Никому – истакна Кадриу, додавајќи дека поранешната министерка Гордана Јанкуловска дури и спровела јавна набавка, иако не била должна.
Во продолжение, Кадриу зборуваше и за работата во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), откривајќи детали за начинот на кој се вршеле набавките, трошењето на буџетските средства, како и за исплатата на бонуси кои, според неа, биле целосно незаконски.
Таа посочи дека во СЈО постоела практика средствата забрзано да се трошат за да не се вратат во буџетот, при што во краток временски период биле потрошени милионски суми. Кадриу се осврна и на случајот со бонусите, наведувајќи дека обвинителите немале право да добиваат дополнителни исплати над законски дозволените 35 отсто.
Во однос на случајот „Мартин Нешковски“, Кадриу тврди дека предметот бил чист и потврден и од Европскиот суд за човекови права, но дека бил политички злоупотребен преку нелегалните снимки и протестите.
![]()

