Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на регионалната средба во Штип упати остри критики кон актуелната власт, оценувајќи дека државата е „заглавена“ и без јасна перспектива.
„Знаеме со каква власт имаме работа. Државата е заглавена, нема да има пари во буџетот, нема да има никаков прогрес во однос на европскиот пат, ова е старото ВМРО-ДПМНЕ од времето на Никола Груевски. Целосна партизација, контрола на медиумите, злоупотреба на службите, ништо ново“, изјави Филипче.

Тој посочи дека граѓаните веќе ги препознаваат, како што рече, лошите политики на Владата и дека расте разочараноста меѓу населението.
„Луѓето тоа го препознаа, сега кажуваат – тотално сме разочарани од власта, не гледаме дека ќе се подобрат работите. Затоа мора да работиме за да ја вратиме целосно довербата во СДСМ. Дали можеме? Можеме. Затоа што се осеќа дека енергијата е променета, не се само партиските членови и симпатизерите, луѓето сфатија дека нема иднина со оваа власт“, рече Филипче.
Од СДСМ најавуваат засилени теренски активности и директни средби со граѓаните во наредниот период, со цел, како што велат, враќање на довербата и нудење конкретни решенија за економски и европски напредок на државата.
![]()

