Во изминатите денови, прашањето за можноста правосудниот испит да се полага на албански јазик предизвика сериозна политичка и институционална дебата. Владата посочи дека за таква промена е потребна соодветна законска интервенција, опозицијата реагираше со обвинувања, а темата доби широка јавна резонанца. Во тој контекст, со своја изјава се вклучи и евроамбасадорот Михалис Рокас, нагласувајќи дека Уставот и националното законодавство мора да се почитуваат и дека прашањето треба да се решава преку инклузивен и неполитизиран дијалог.
Но токму тука започнува суштинскиот проблем.
Не затоа што некој го оспорува значењето на Уставот, туку затоа што амбасадорот си дозволува улога што не му припаѓа. Јавното „потсетување“ на една суверена држава дека треба да го почитува својот Устав претставува политички набоена порака, без оглед колку дипломатски е формулирана. Тоа не е обична изјава — тоа е позиционирање во конкретен внатрешен спор.
Рокас не е уставен судија, ниту институционален медијатор во домашни правни дилеми. Неговата мисија е јасно дефинирана: претставување на Европската унија, унапредување на односите и поддршка на реформските процеси. Кога тој јавно зазема нормативен став во чувствителна институционална дебата, ја преминува границата меѓу дипломатска поддршка и политичко влијание.
Повикот „да не се политизира“ прашањето дополнително ја разоткрива таа тенденција. Јазичната употреба во институционален контекст е, по својата природа, политичко прашање. Да се инсистира на деполитизација од позиција на надворешен актер значи да се наметне рамка во која домашниот демократски процес се става под надзор на „повисок разум“. Тоа е технократски тон што звучи коректно, но суштински ја релативизира автономијата на политичката заедница.
Уште позагрижувачки е фактот што ниту еден од релевантните политички чинители јавно не го потсети Рокас на една едноставна вистина: оваа држава не е протекторат. Разочарувачки е што не се најде институционален или политички глас кој ќе ја подвлече границата меѓу партнерство и мешање. Молкот создава впечаток на прифатена асиметрија, како јавните лекции од амбасадор да се нормализирана појава.
Суверенитетот не е празна формула во Уставот. Тој подразбира способност и право институциите самостојно да ги водат своите дебати, колку и да се тие остри и чувствителни. Европската перспектива не ја суспендира таа реалност. Кандидатскиот статус не значи откажување од политичката самостојност.
Кога амбасадор почнува да делува како јавен коректив на внатрешната сцена, тогаш дипломатската мисија се трансформира во нешто што наликува на надзор. А надзорот и партнерството не се исто.
Затоа, прашањето не е само во конкретната изјава на Рокас, туку во преседанот што таа го создава. Ако ваквиот тон стане прифатлива пракса, тогаш постепено ќе се нормализира идејата дека надворешниот фактор има право јавно да ги дисциплинира домашните институции. А тоа е чекор што ниту една самопочитувачка држава не смее лесно да го премолчи.