Дафина Стојаноска со остри критики до Слободан Трендафилов: „Разоткриено е лицемерието на водачот“
Пратеничката Дафина Стојаноска упати серија остри критики кон претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, обвинувајќи го за лицемерие, политички притисоци и злоупотреба на јавниот дискурс.
Во својата реакција, Стојаноска посочи дека „е препознатлив речникот на Трендафилов“ и дека нема намера да наседнува на, како што вели, неговото сценарио. Таа се осврна и на видео-снимка поврзана со службено возило на ССМ, нагласувајќи дека целта не се неговите малолетни деца, чии идентитети биле прикриени, туку да се прикаже, според неа, „како овој ‘волк’ изигрува јагне бранејќи ги правата на работниците“.
„Јавните личности треба да бидат подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е цената која секоја јавна личност знае како и колку ја плаќа“, наведува пратеничката.

Обвинувања за политички притисоци
Стојаноска тврди дека Трендафилов, со поддршка од СДСМ и Левица, вршел притисок врз парламентарното мнозинство и промовирал, како што вели, „идеологија од минатото каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост“.
Таа додава дека можеби видеото потекнува од „незадоволен работник од ‘штитењата’ на Трендафилов“, оставајќи отворено прашање за неговото потекло.

„Нека се постапи согласно законите“
Во однос на, како што ја нарекува, негова закана, Стојаноска порача дека ги почитува законите и Уставот и повика да се постапи согласно законската регулатива за да се утврди кој е виновен.
Во објавата, таа реагира и на навредите упатени кон неа, посочувајќи дека да се нарече пратеничка „монструм“ претставува напад не само врз неа како жена, туку и врз 21.622 гласачи од изборната единица 6.
Во завршницата, Стојаноска испраќа порака дека доколку Трендафилов сака да ја продолжи „битката“, таа е подготвена за тоа.
![]()

