ФИЛКОВ УДРИ ПО ДУИ: ПОЛИТИЧАРИ ОД МИНАТИОТ ВЕК НЕМА ДА ЈА КРОЈАТ ПРАВДАТА!

Филков: Национал-романтичарските теми им припаѓаат на политичари од минатиот век

Министерот за правда Игор Филков остро реагираше на изјавите поврзани со можноста за измена на законот и полагање правосуден испит на албански јазик, порачувајќи дека Владата останува посветена на владеењето на правото и европските стандарди. Филков индиректно му контрираше на премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно изјави дека постои можност за законски измени што би овозможиле полагање на правосудниот испит на албански јазик.

„Сметам дека национал-романтичарските теми се битни за оние политичари од минатиот век. Ние работиме цврсто и решително на стабилност, просперитет и владеење на правото. Теми што ги интересираат и нашите граѓани. Сè останато ќе биде оставено на тажната страна на историјата“, изјави Филков. Во однос на критиките од лидерот на коалициониот партнер ВЛЕН, Билал Касами, кој оцени дека министерот игра на патриотска карта поради можната реконструкција на Владата, Филков возврати дека „кога тој ќе биде премиер, ќе кажува кој ќе биде министер“, додавајќи дека дотогаш владеењето на правото и почитувањето на Уставот и законите ќе важат за сите.

Тој нагласи дека во моментов нема законска можност за полагање правосуден испит на албански јазик, но посочи дека остануваат отворени за дискусија. Касами, пак, во емисијата „Клик Плус“ изјави дека ставот на премиерот Мицкоски е коректен и дека Филков се обидува да го оправда својот евентуален неуспех преку отворање на меѓуетнички теми, тврдејќи дека министерот можеби ќе биде опфатен со најавената реконструкција на Владата.

Говорејќи на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК, Филков истакна дека развојот на квалитетни и транспарентни механизми за избор, унапредување и дисциплинска одговорност е клучен предуслов за ефикасен судски систем кој работи во служба на граѓаните. Тој нагласи дека непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото и дека само преку нивно доследно почитување може да се обезбеди правна сигурност и заштита на човековите права.

Министерот посочи дека реформите во Судскиот совет веќе се реализираат, со нови јасни критериуми за избор и разрешување, заострени услови за професионално искуство и прецизирање на терминот „истакнат правник“. Според него, се воведуваат јавни расправи при изборот на несудските членови и транспарентни огласи за членовите што ги избира Собранието, како и детално уредена дисциплинска постапка со јасно дефинирани основи за одговорност. Предвидена е и итна постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд која не може да трае подолго од шест месеци.

Во однос на Законот за јавно обвинителство, Филков изрази очекување дека наскоро ќе биде усвоен во Собранието, посочувајќи дека во него се вградени европски препораки и јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на јавните обвинители. Со законските измени се предвидуваат и прецизни основи за престанок на функцијата, вклучително и во случаи на правосилна осуда за кривично дело против службената должност, како и рокови од шест до девет месеци за завршување на дисциплинските постапки.

Филков нагласи дека измените се резултат на констатирани слабости во правосудниот систем, како долготрајни постапки, случаи на корупција и недоволна транспарентност, и дека со триесеттина законски измени Владата има цел да создаде правосудство кое ќе биде транспарентно, професионално и непристрасно.

Loading