„ГРОБНИЦА ЗА МЛАДИТЕ АСИСТЕНТИ“ – Филипче со тешки обвинувања за власта!

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро ги критикуваше предложените измени на Законот за високо образование, оценувајќи дека тие се „катастрофално лоши“ и побара законот во оваа форма да не се доставува до Собранието. Тој најави широка јавна расправа доколку власта не се повлече од предложените решенија.

Обвинувања за централизација и нарушување на автономијата

Според Филипче, со членовите 198, 199 и 201 се врши „брутална централизација на моќта“ кај министерот и Владата, што директно ја нарушува автономијата на универзитетите.

„Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и една форма на апсолутен владетел. Универзитетите не смеат да бидат продолжена рака на Владата“, истакна тој.

Филипче смета дека членот 13 отвора механизам за директна контрола од извршната власт, што, според него, е спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија.

„Гробница за младите асистенти“

СДСМ предупредува дека законот создава генерациска и социјална неправда. Според Филипче, член 175 овозможува продолжено влијание на веќе пензионирани професори, додека младите наставници и асистенти се соочуваат со рестрикции и несигурност.

„Ова е гробница за младите асистенти, а создава привилегии за пензионирани професори“, рече Филипче, оценувајќи дека се создава сериозен генерациски дисбаланс.

Високи критериуми без финансиска поддршка

Филипче критикува дека се воведуваат строги критериуми за научни публикации со импакт-фактор, без државата да обезбеди соодветна финансиска поддршка.

Според него, објавувањето во меѓународни списанија чини над 2.000 евра, а без фондови и истражувачка инфраструктура, науката станува „луксуз само за богатите“. Тој додава дека квалитетот се сведува на бројки, што е дискриминирачко за научноистражувачките работници.

Ограничувања за приватните универзитети

Филипче предупреди и на „сопственичка дискриминација“ со член 132 став 10, со кој се забранува приватните универзитети да образуваат кадри во клучни области како медицина, право и архитектура, иако некои од нив со години имаат валидни акредитации.

Тој постави прашање зошто се одземаат акредитациите на институции чии дипломирани кадри веќе се наоѓаат на раководни функции во државата.

„Академски терор“ и автоматско губење на работа

Според Филипче, член 164 предвидува автоматско губење на звањето и работниот однос доколку не се исполнат условите за реизбор, без заштитни механизми од Законот за работни односи.

„Се воведува казнен модел во кој професорите живеат во постојан страв од губење на работата“, изјави тој.

Удар врз интердисциплинарноста и доживотното учење

Со членовите 116, 122 и 123, според Филипче, се ограничува уписот на магистерски и докторски студии само на исто или сродно подрачје, што ја намалува можноста за промена на кариера и ја ограничува интердисциплинарноста.

Тој предупреди дека поставените услови за докторски студии се прескапи и недостапни, што може дополнително да го поттикне одливот на млади кадри во странство.

Забрана на вонредни студии – социјално и родово неправедна

Филипче оцени дека евентуалната забрана на вонредни студии е социјално неправедна и родово дискриминаторска, бидејќи ги ограничува вработените лица, возрасните студенти и лицата со семејни обврски, при што непропорционално ги погодува жените.

Loading