Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е најчестиот корисник на владиниот авион во периодот од средината на 2024 до крајот на 2025 година, покажуваат документите од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), на кои се повикува телевизија Телма.
Во анализираниот период таа реализирала вкупно 13 летови, што е најмногу од сите функционери опфатени во податоците. Претседателката службено патувала во повеќе земји од регионот и Европа. Во соседството летала до Тиват, Подгорица и Тирана, а реализирала и посети во Рим, Истанбул и Копенхаген.

Според објавените информации, владиниот авион во периодот од средината на 2024 до крајот на 2025 година бил употребен околу 40 пати, без да се пресметаат летовите за сервисирање, како и двата специјални лета – медицински транспорт и евакуација на граѓани. Во истиот период авионот бил испраќан на сервис девет пати.

Покрај претседателката, владиниот авион го користеле и други носители на функции, меѓу кои претседателот на Собранието, премиерот и повеќе министри, но според бројот на летови, Сиљановска-Давкова предничи во користењето на службеното летало во изминатата година и пол.
![]()

