Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека и понатаму се надева на договор за трансформација на коалицијата „Вреди“ во политичка партија, но предупреди дека доколку не се почитуваат принципите на рамноправност и консензуално одлучување, Алтернатива нема да биде дел од новиот политички субјект, а тој ќе поднесе оставка од претседателската функција.
Според Гаши, двата клучни принципи – рамноправност и консензус – биле темелот што ја одржал коалицијата во изминатите два изборни циклуса. Тој посочи дека овие вредности треба да останат водечка рамка и при евентуалната трансформација во единствена партија.

Несогласувања околу моделот на раководење
Алтернатива не се согласува со предлогот на лидерот на Беса, Билал Касами, и на лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, кои предлагаат новата партија „Вреди“ да има двајца претседатели, а нивните партии да имаат по 35 отсто застапеност во раководните тела. Останатите 30 проценти би ги поделиле Алтернатива, фракцијата на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Фетаи, како и други субјекти од коалицијата.
Гаши истакна дека во Алтернатива повеќе се разговара за програмските и идеолошките насоки на идната партија, отколку за персоналните решенија.
– Побитно е за што ќе се залага Вреди, каква идеологија ќе има и каква програма ќе понуди. Станува збор за спојување на четири политички партии и тоа мора да биде внимателно направено – изјави тој.

Можна оставка ако нема договор
Гаши беше дециден дека ќе ја почитува одлуката на актуелниот лидер на Алтернатива, Беким Сали, и дека доколку партијата ја одбие понудата за трансформација, тој ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието.
– Ако Алтернатива ја одбие понудата, ќе дадам оставка. Сите разговори се водат со цел да се најде најдобриот модел за Вреди да стане партија – рече Гаши.

Различни модели во игра
Фракцијата на Алијанса за Албанците, предводена од Фетаи, се залага за модел на ротирачко раководство како начин да се обезбеди еднаквост меѓу партнерите. Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека ротацијата создава чувство на рамноправност, но не ја исклучи можноста партијата да ја води и обединувачка фигура, доколку се постигне консензус.
Во меѓувреме, Беса веќе ги распушти своите највисоки партиски тела, со што практично го започна процесот на трансформација на коалицијата во единствен политички субјект. Сепак, Алтернатива засега нема да го следи тој чекор, иако, според Гаши, во партијата веќе подолго време има мораториум на внатрепартиски активности.
Политичките преговори продолжуваат, а исходот ќе биде клучен за иднината на албанскиот политички блок и за стабилноста на владината коалиција.
![]()

