Под влијание на нов длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, кој ќе се проширува кон Јонското Море, во вторник (17 февруари 2026) во Македонија пристигнува нова изразена промена на времето проследена со обилни врнежи, нагло заладување и силен северен ветер.
🌧 Дожд кој ќе премине во снег
Во текот на денот ќе има обилни врнежи од дожд, кои поради продор на значително постуден воздух од север и засилен до силен ветер од северен правец (над 70 км/час), најпрвин на повисоките населени места ќе преминуваат во снег.
Попладне и во вечерните часови врнежи од снег ќе има и во пониските предели, особено во западните и северните делови од Македонија.

❄ Значително зголемување на снежната покривка
На планините и на скијачките центри снежната покривка ќе се зголеми за повеќе од 20 сантиметри. Можно е формирање на помала снежна покривка и во дел од градовите во западните и северните предели.
Се очекува да наврнат над 30 литри на метар квадратен воден талог во рок од 24 часа, особено во западните предели, што претставува значително количество врнежи за краток временски период.

🌬 Силен северен ветер и пад на температурите
Ветерот ќе биде засилен до силен од северен правец, со удари над 70 км/час.
Температурите ќе се движат од 1 до 9 степени, но доцна попладне и навечер ќе бележат дополнителен пад.
Во Скопје и околината ќе има пообилни врнежи од дожд, додека на околните планини ќе врне снег. Со заладувањето, врнежи од снег се можни и во повисоките предели од Скопскиот регион. Максималната температура во Скопје ќе достигне околу 6 степени.
⚠ Зголемен ризик од поплави
Поради очекуваните обилни врнежи, повторно расте опасноста од излевање на реките, особено во западните и северозападните предели од државата. Постои реален ризик од локални поплави.
Се апелира до возачите да бидат крајно внимателни, да избегнуваат движење покрај водотеци и да ја приспособат брзината според условите на патиштата.
![]()

