ТИВКА МОБИЛИЗАЦИЈА ВО АМФИТЕАТРИТЕ – СЕ БУДИ ЛИ ПОВТОРНО ПЛЕНУМОТ?

Академската јавност жестоко реагира на предлог-законот за високо образование објавен од Министерство за образование и наука, предупредувајќи дека наместо унапредување на квалитетот, се отвора простор за засилена политичка контрола врз универзитетите.

Критиките кои доаѓаат од професори, независни академски синдикати и од опозициската СДСМ се фокусираат на, како што велат, „бруталната централизација“ на моќта кај министерот и Владата. Претседателот на партијата, Венко Филипче, јавно оцени дека предложените измени отвораат можност за директна интервенција на извршната власт во автономните органи на универзитетите.

Контрола наместо автономија?

Според дел од универзитетските професори, спорните одредби предвидуваат механизми со кои министерот би можел да поништува или повлекува одлуки на универзитетските тела, што се толкува како директно навлегување во институционалната автономија – принцип кој европските образовни стандарди го третираат како темел на академската слобода.

Во анализите што кружат во јавноста, се посочува дека преку засилен надзор, реизборни процедури, финансиски контроли и проширено учество на владини и стопански претставници во управувачките структури, се создава амбиент во кој универзитетите стануваат зависни од политички и бизнис центри на моќ.

Критичарите предупредуваат дека формулацијата „побарување одговорност“ може да стане алатка за дисциплинирање на неподобните – особено во услови кога академската критика кон власта традиционално доаѓа токму од универзитетските кругови.

Дежа ву од 2014: се враќа ли духот на пленумот?

Реакциите неизбежно потсетуваат на настаните од 2014 година, кога илјадници студенти организирани преку Студентски пленум протестираа против тогашните измени на законот и воведувањето државен испит. Тогаш, студентите го окупираа кампусот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, отворајќи широка општествена дебата за автономијата на универзитетите.

Таа енергија, која со месеци ја одбележуваше јавната сцена, остави длабока трага во колективната меморија. Денес, повторно се поставува истото суштинско прашање: дали државата треба да управува со универзитетите или тие треба да останат автономни простори на слободна мисла, истражување и критичка дебата?

Иако засега нема официјална најава за нови студентски протести, во академските кругови сѐ погласно се споменува можноста за реактивирање на пленумското организирање. Дел од студентските иницијативи веќе одржуваат неформални состаноци, а на социјалните мрежи повторно се појавуваат повици за „одбрана на автономијата“.

Дали се подготвува нов бран на студентски отпор или станува збор за краткотрајна реакција на академската фела? Одговорот ќе зависи од тоа дали Министерството ќе ги прифати забелешките и ќе отвори вистинска јавна расправа – или ќе инсистира на решение кое, според критичарите, ја менува суштината на високото образование.

Loading