„600 ЕВРА МИНИМАЛНА ПЛАТА ИЛИ АВИОН“ – МАНИПУЛАТИВЕН НАРАТИВ НА СДСМ НАМЕСТО ЕКОНОМСКА СТРАТЕГИЈА

Да разберат сите што зборува СДСМ кога ја пласира пораката „600 евра минимална плата или авион“, доволно е да се разгледа еден многу едноставен пример.

Замислете семејство со месечен приход од 60.000 денари. Нивните месечни трошоци изгледаат вака:

  • 20.000 денари храна

  • 15.000 денари стан/кредит

  • 10.000 денари сметки

  • 10.000 денари други тековни потреби

  • 8.000 денари просечно за стар автомобил (5.000 поправки + 3.000 повеќе гориво)

Вкупно: 63.000 денари. Значи, секој месец тие реално се „во минус“ 3.000 денари или мора да кратат од нешто друго.

Семејството има заштеда од 900.000 денари и одлучува да купи нов автомобил во готово. Стариот автомобил вреди 150.000 денари, но создава високи и непредвидливи трошоци. Новиот автомобил троши помалку гориво и нема дефекти, па месечните трошоци паѓаат од 8.000 на 2.000 денари.

Со купувањето во готово тие немаат месечна рата. Единствената промена е што еднократно потрошиле дел од заштедата. Но од тој момент нивниот месечен буџет изгледа вака:

  • Старо: 63.000 денари трошоци

  • Ново: 57.000 денари трошоци

Тие реално ослободуваат 6.000 денари месечно затоа што повеќе не плаќаат скапи поправки и прекумерно гориво.

Сега некој им вели: „Немојте да купувате автомобил, туку зголемете си ги месечните приходи.“ Но приходот од 60.000 денари не расте затоа што не сте купиле автомобил. За да порасне на 70.000 или 80.000 денари, мора некој да добие повисока плата или да создаде нов приход. Тоа не се случува со одлука да не се троши за нешто.

Продажбата на стариот автомобил за 150.000 денари носи еднократен прилив. Но тие пари, ако ги делите по 10.000 месечно, ќе траат 15 месеци и ќе исчезнат. Тоа не е трајно зголемување на приходот.

Исто така функционира и економијата. Капитална набавка (како автомобил или авион) е еднократен расход или инвестиција. Минималната плата од 600 евра е трајна месечна обврска што постојано се плаќа. Таа бара континуирана продуктивност и економски раст. Не може да се финансира со „не купување“ на нешто еднаш.

Токму тука лежи суштината: се мешаат еднократни средства со трајни обврски. А тоа е разлика што секој што управувал со домашен буџет ја разбира.

Истата логика важи и за наративот „600 евра минимална плата или авион“. Капиталната набавка – како и новиот автомобил во примерот – е конкретна одлука со одредена функција и временска рамка. Минималната плата, пак, е трајна економска обврска што секој месец ја носат работодавачите и која има широки последици врз цените, вработеноста и конкурентноста. Таа не може да се „финансира“ со укинување на една ставка, затоа што нејзината одржливост зависи од продуктивноста и економскиот раст, а не од симболична прераспределба.

Кога ваквата сложена реалност се сведува на едноставна морална формула – „или сте за народот или сте за луксуз“ – се заменува економската анализа со политичка драматизација. Наместо да се зборува за тоа како да се зголеми продуктивноста, како да се привлечат инвестиции и како да се создаде фискален простор за повисоки плати, се пласира споредба што звучи силно, но не ја објаснува суштината. Тука повторно се поставува прашањето: каде се економистите и експертите по јавни финансии во рамките на СДСМ да укажат дека буџетот не функционира како едноставна касичка? Отсуството на таква стручна интервенција остава впечаток дека реториката ја потиснува економската сериозност, а тоа носи ризик од создавање нереални очекувања и долгорочна недоверба во политичките ветувања.

А.А

Loading