Опозициската Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски врши директна контрола и притисок врз правосудниот систем, посочувајќи дека изјавите на владината портпаролка Марија Митева отвораат сериозни сомнежи за мешање во судските процеси.

Според СДСМ, Владата располага со информации за судскиот процес против Андреј Жерновски кој сè уште не е завршен, што според партијата укажува на можна координација или влијание врз судството. „Не само што Владата има информации, туку очигледно ги диктира и пресудите. Како инаку би имала податоци од судски процес кој е во тек?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата тврдат дека власта извршила серија кадровски промени со цел преземање контрола врз институциите – промена на јавниот обвинител, назначување сопруга на градоначалник од редовите на ВМРО за член на Судскиот совет и поставување советник на премиерот во Уставниот суд. Според СДСМ, премиерот Мицкоски од собраниската говорница им давал насоки на судските и обвинителските органи, што, како што велат, претставува директен притисок врз независноста на институциите.

Во соопштението се наведува дека заплашувањето преку обвинителството и судството станува модел на пресметка со политичките неистомисленици, но и со синдикатите. „Постојано се закануваат со обвинителство, со тужби и пресуди, нам секојдневно, а сега им се закануваат и на синдикатите“, велат од партијата. Дополнително, СДСМ обвинува дека безбедносните служби се користат за следење на неистомисленици, правејќи паралела со периодот на владеење на Никола Груевски, додавајќи дека владиниот авион најчесто летал кон Будимпешта.
СДСМ најавува дека ќе продолжи да ги следи, како што велат, „обидите за целосна партизација на судството и обвинителството“.
![]()

