ТИТОВАТА ТАЈНА ТВРДИНА СТАНУВА КАМП? Милијардниот подземен град на Жељава во нов скандал!

Поранешниот воен аеродром Жељава, еден од најголемите и најтајни воени комплекси од времето на Студената војна на просторот на поранешна Југославија, повторно се најде во центарот на јавноста поради наводниот план на Министерство за внатрешни работи на Хрватска да отвори центар за мигранти на оваа локација.

Градоначалникот на Плитвичка Језера, Хрвоје Матејчиќ, повика на протест пред општинското седиште во Кореница, изразувајќи силно противење на иницијативата. Според информациите, планот предвидува сместување на околу 1.500 мигранти и поставување на 450 контејнери, со можност за изградба на дополнителни објекти во иднина.

Местаните стравуваат дека ќе се наруши безбедноста на локалното население, ќе претрпи штета туризмот како главна економска гранка и ќе изостане институционалната грижа за долгорочен развој на регионот. Општинските власти сметаат дека ваквата намена не е соодветна за регионот кој се потпира на природниот туризам и близината на Националниот парк Плитвички Езера.

Комплексот Жељава бил изграден во најстрога тајност за време на Студената војна како стратешка воена база на поранешната ЈНА. Се простира на повеќе од 300 хектари и опфаќа подземни тунели и бункери, касарни и пет писти, од кои три се наоѓаат во Хрватска, а две во Босна и Херцеговина. По распадот на ЈНА во 1992 година, објектот бил делумно уништен. Денес комплексот е под управа на Личко-сењската жупанија, додека сопственоста е во рацете на државата.

Во изминатите години постоеле повеќе идеи за ревитализација на комплексот – од туристички атракции и европски центар за податоци, до спортски аеродром или домови за стари лица, но ниту една иницијатива не била реализирана. Општината нагласува дека Жељава има потенцијал да стане економски двигател на регионот, но бара стратешки пристап и државна поддршка наместо привремени решенија. Дали поранешниот воен гигант ќе стане центар за мигранти или ќе добие поодржлива развојна улога останува да се види, но дебатата веќе сериозно ја подели локалната заедница.

Loading