На Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска во 14:00 часот ќе се одржи јавна дебата за новиот предлог Закон за високо образование, во услови на засилени тензии меѓу академската заедница и Министерство за образование и наука. Според досегашните реакции од поголем дел професори на најголемиот државен универзитет, министерката Весна Јаневска ќе се соочи со сериозни критики, особено во делот на критериумите за унапредување и условите за објавување научни трудови.

Професорката Маја Стевановиќ, претседателка на Независниот академски синдикат, оценува дека предложените измени создаваат неправедни одредби кои ја фаворизираат финансиската способност над реалните научни достигнувања. „Некој сака да направи чистка меѓу асистентите и вработените за да ослободи место за некој друг. Тоа е моето чувство. Апсолутно неправедна одредба. За едните да важи одложување, а за најранливите да не важи одложување“, изјави Стевановиќ. Таа посочува дека инсистирањето на објавување трудови во базата Web of Science создава сериозни финансиски бариери. „Објавување на труд и уредување чини од 2 до 3 илјади евра. Тоа значи дека тој што има пари може да стане професор, а оној што нема – ќе треба својата кариера да ја бара на друго место“, нагласува таа, додавајќи дека ваквите одредби можат да ја нарушат академската автономија и да доведат до систем во кој финансиските ресурси ќе имаат предност пред квалитетот на научната работа.

Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ предупредува дека, иако намерите се претставени како чекор кон модернизирање и унапредување на квалитетот на високото образование, постои реална опасност од негативни последици врз младите академици. „Ќе останеме без подмладок во некои дисциплини. Зошто млад човек, кога ќе види дека критериумите за унапредување во доцент, вонреден или редовен професор траат со години, не би побарал кариера на престижен европски факултет со пониски критериуми и подобри услови?“ прашува Марковиќ. Тој дополнително реагира на барањата поврзани со Web of Science, оценувајќи дека тие се нереални за дел од општествените и хуманистичките науки. „Ако тоа е реално во математика, географија или хемија, во политички науки и право е апсолутно нереално. Законот е измислен да поттикнува brain drain“, истакнува Марковиќ, потенцирајќи дека ваквите услови ќе ги оддалечат младите научници од државата и ќе го продлабочат одливот на кадар.

И покрај критиките од професори, студенти и опозициски партии, министерката Весна Јаневска е децидна дека повлекување на законот нема да има. „Нема да го повлечеме Законот за високо образование“, изјави Јаневска, одговарајќи на барањата текстот да се врати на доработка поради забелешките за автономијата и можната централизација. Со тоа, отворената конфронтација меѓу Министерството и академската заедница продолжува, додека јавната дебата на УКИМ се очекува дополнително да ја продлабочи расправата околу иднината на високото образование во земјата.
![]()

