Државата не пропаѓа кога има спорни одлуки. Таа пропаѓа кога престанува да верува дека одлуките се носат врз основа на норми. Кога перцепцијата станува повисок извор на „вистина“ од законот, тогаш правото е сведено на декор, а политичката волја станува единствен арбитер.
Апсењето на Артан Груби вчера наутро и одлуката за куќен притвор уште еднаш ја демонстрираа опасната тенденција во македонската политичка култура: нормата се повлекува, а перцепцијата станува доминантна вистина. Но уште поопасно е што овој пристап повеќе не е исклучок , тој стана секојдневие. Речиси нема кривичен предмет од висок профил што не се претвора во партиски фронт, каде правната анализа е заменета со однапред конструирани политички наративи.
Во правна држава, притворот, без разлика дали е ефективен или куќен е процесна мерка што се темели на законски критериуми: опасност од бегство, влијание врз сведоци, уништување докази или повторување на делото. Судот е должен да ја примени најблагата мерка што ја гарантира целта на постапката, водејќи се од начелото на пропорционалност. Тоа се правни стандарди, а не политички проценки.
Сепак, наместо јавноста да расправа за тоа дали судот доволно ја образложил проценката за ризик од бегство или за обезбедување на доказите, доминираа обвинувања за договори, контроли и скриени агенди. За СДСМ, одлуката е доказ за политички пазар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За владејачката партија, пак, секоја критика е панична реакција. Правото исчезнува од дебатата; останува само политичкиот ефект.
Овој модел на однесување, автоматско прогласување на секоја судска одлука за политички мотивирана, веќе е рутина. Прашањето е: која е целта? Целта не е правна корекција на одлуката. Целта е контрола на наративот. Со однапред наметната перцепција, секој исход станува употреблив: ако одлуката е неповолна, таа е доказ за прогон; ако е поволна, таа е доказ за договор. Така, партиите ја обезбедуваат сопствената политичка позиција без оглед на правниот резултат.
Но цената на таа стратегија е огромна. Кога перцепцијата систематски ја заменува нормата, граѓаните ја губат способноста да прават разлика меѓу правна аргументација и политичка конструкција. Се создава атмосфера во која ниту една институционална одлука не може да биде прифатена како автономна. Тоа е тивка, но длабока ерозија на правната сигурност.
Фактот дека осомничениот претходно бил недостапен за органите на прогонот е сериозен аргумент што мора да биде внимателно ценет. Но исто толку сериозно е и прашањето дали доказите се веќе обезбедени, дали се изречени дополнителни мерки за надзор и дали се оценети конкретните ризици. Само преку ваква правна анализа може да се оцени исправноста на мерката. Сè друго е политичка реторика.
Државата не се распаѓа од една спорна одлука. Таа се распаѓа кога политичките актери систематски ја заменуваат нормата со перцепција за да мобилизираат поддршка, да го релативизираат исходот и да ја одржат поларизацијата. Кога тоа ќе стане секојдневие, владеењето на правото престанува да биде заедничка вредност и се претвора во инструмент на моменталната политичка борба.
А таму каде што перцепцијата владее над нормата, правната држава станува само формула во Уставот – но не и жива реалност.
А таму каде што волјата ја заменува нормата, владеењето на правото е веќе поразено.

![]()

