Студенти и професори од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на јавна дебата на Филозофскиот факултет ги изнесоа своите забелешки и предлози за новиот Предлог-закон за високо образование, барајќи бесплатно студирање, забрана за продажба на книги како услов за полагање испит и измени во критериумите за избор во звања. На дебатата присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорката Билјана Ангелова.
Во преполниот амфитеатар се отвори прашањето за високите трошоци за студирање, во време кога сè повеќе млади ја напуштаат државата. Студент од Филолошкиот факултет посочи дека дел од студентите плаќаат 3.000 денари за материјални ресурси без јасна информација каде завршуваат тие средства и побара процесот на студирање да биде поедноставен и финансиски подостапен. Министерката Јаневска одговори дека целосно бесплатно високо образование не е предвидено, но дека со новиот закон од партиципација се ослободуваат студентите од еднородителски семејства, студентите со попреченост и оние од семејства со ниски примања, како и дека постојат стипендии и олеснувања за социјалните категории.

Дел од студентите реагираа и на праксата на продажба на книги од страна на професори, која, како што тврдат, често е услов за полагање испит. Еден студент посочи дека членот 112 од законот не ја уредува доволно оваа појава и побара експлицитна забрана и санкции за евентуални злоупотреби, нагласувајќи дека има случаи кога студенти платиле, а не добиле учебници. Јаневска истакна дека не може во закон да стои забрана за продавање книги, но ги повика студентите да ги пријавуваат ваквите случаи за да се санкционираат одговорните.
Во однос на критериумите за избор во звање, според предложеното решение, професор кој аплицира ќе треба да има најмалку шест научни трудови, од кои четири објавени во списанија индексирани во „Web of Science“ или „Scopus“. Професори од повеќе факултети укажаа дека унифицираните критериуми не се соодветни за сите научни области, особено за помалите и специфични дисциплини како теологијата и уметностите, каде што значаен дел од научниот придонес се остварува преку монографии и уметнички дела. Деканката на Факултетот за музичка уметност, Дарија Андовска, истакна дека уметничките факултети имаат специфики како индивидуална настава и хонорарни ангажмани, што треба да се земе предвид. Професорката Зоја Бузалковска од Факултетот за драмски уметности посочи дека автори како Горан Стефановски оставиле огромно културно наследство без да имаат докторат, поставувајќи прашање дали нивното дело не може да биде еквивалент на научни трудови со импакт-фактор.

Професорот Илија Ацески од Филозофскиот факултет се осврна на членот 122 од законот и нагласи дека во предлог-одредбите не постои механизам кој ќе ја провери и оцени способноста на дипломираниот студент за она за што бил обучен. Според него, потребна е јасна врска меѓу стекнатата диплома и реалната подготвеност за вклучување на пазарот на труд.
На дебатата беше покренато и прашањето за содржината на студиските програми, при што беше укажано дека со сегашната формулација може да се случи студенти од технички факултети да дипломираат без да полагаат математика ако предметот е изборен. Дополнително, беше побарано македонистиката да добие посебен статус во законот, по примерот на решенијата во други европски земји каде што националниот јазик е дополнително заштитен со законски одредби.
![]()

