МНР и надворешна трговија: Целосно ги демантираме наводите на „Слободен печат“ за реакцијата на министерот Муцунски
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) соопшти дека целосно ги демантира наводите изнесени во текстот објавен од „Слободен печат“ со наслов „Муцунски побрза да го осуди ‘иранскиот напад врз Турција’, но извори од Анкара велат дека земјата не била нападната“.

Од Министерството оценуваат дека објавувањето непроверени и неточни информации е спротивно на принципите на етичко новинарство, ја поткопува довербата во медиумите и негативно влијае врз јавниот дискурс, особено во услови на сериозни безбедносни предизвици во светот.
Во демантот, МНР посочува дека повеќе министри за надворешни работи од земји членки на НАТО преку официјални канали го осудиле нападот. Како примери се наведуваат официјалната објава на министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна, како и реакцијата на заменик-премиерот и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Белгија, Максим Прево.

Дополнително, Министерството потсетува дека и турската државна агенција „Анадолу“ објавила текст со наслов „NATO condemns Iran’s targeting of Türkiye, vows strong deterrence across all domains“, во кој е пренесена изјава од портпарол на Алијансата дека НАТО го осудува таргетирањето на Турција и стои цврсто со сите сојузници, вклучително и со Турција.
МНР наведува и дека турската национална телевизија ТРТ пренела официјална изјава на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на оваа тема.
„Министерството останува посветено на транспарентно и одговорно информирање на јавноста, врз основа на проверени и релевантни извори“, се наведува во демантот, со оценка дека се работи за „неточна и невистинита информација“ која ја доведува јавноста во заблуда и создава искривена слика за актуелните настани.
На крајот, МНР упатува повик до медиумот да изврши соодветна корекција на објавата, со цел целосно, точно и одговорно информирање на јавноста.
![]()

