Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски повторно ја демонстрира својата силна дипломатска и визионерска улога на меѓународната сцена, водејќи важни разговори во Стејт департментот во Вашингтон за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.
На средбата со Даниел Лоутон, заменик помошник државен секретар задолжен за Европа, беше потенцирано исклучително силното и стабилно партнерство меѓу двете држави, кое се темели на заедничка посветеност кон демократските вредности, безбедноста и економскиот развој.
Николоски уште еднаш се истакна како еден од најактивните и најенергични носители на економската дипломатија на Македонија, нагласувајќи дека САД се стратешки партнер број еден на земјата.
„Разговаравме за заедничката економска и политичка соработка, како и за партнерството во НАТО во овие предизвикувачки времиња. Посебно внимание посветивме на заедничките операции и на продлабочувањето на безбедносната соработка“, изјави Николоски по средбите во Стејт департментот.

Во разговорите значаен фокус беше ставен и на економскиот развој и инфраструктурната трансформација на Македонија. Како визионер кој силно ја турка инфраструктурната модернизација на земјата, Николоски ги истакна пан-европските коридори 8 и 10, кои минуваат низ Македонија и претставуваат клучна стратешка артерија за регионалната економија и безбедност.
Дополнително, се разговараше и за енергетската транзиција, област во која Македонија со силна поддршка од САД прави значајни чекори кон модерна и одржлива економија.
Николоски потенцираше дека се очекува повторно активирање на стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, механизам кој ќе отвори нови перспективи за соработка во повеќе области.
„Стратешкиот дијалог ќе ни овозможи уште подлабока соработка и заедничко справување со глобалните предизвици. Работиме и на трговски договор кој ќе отвори нови можности за бизнис и значително ќе ја зголеми трговската размена меѓу двете земји“, нагласи Николоски.
Со ваквиот силен дипломатски настап, Николоски уште еднаш се позиционира како еден од највлијателните и најпосветените лидери во креирањето на модерната и економски силна Македонија.
Работната посета на Вашингтон, вицепремиерот Николоски ја продолжува со учество и обраќање на глобалниот настан „Transforming Transportation 2026“, каде ќе ги презентира амбициозните инфраструктурни визии и реформски политики што ја позиционираат Македонија како важен транспортен и економски центар во регионот.
![]()

