КОИ ФУНКЦИОНЕРИ НЕ ГИ ИСПОЛНИЈА ОЧЕКУВАЊАТА НА МИЦКОСКИ?!

Премиерот Христијан Мицкоски најави можни кадровски промени и засилена работна динамика во Владата, посочувајќи дека одредени функционери не го даваат својот максимум.

Во гостување на ТВ Алфа, Мицкоски истакна дека актуелната состојба во државата е сериозна и дека Владата не ветува нереални решенија, туку максимална посветеност и работа. Според него, очекувањата од граѓаните се оправдани, а обврската на институциите е да одговорат со резултати.

Премиерот нагласи дека постојано ја преиспитува ефикасноста на тимот со кој работи и дека кај дел од поединците има резерви во однос на нивниот ангажман. Тој откри дека веќе упатил директни забелешки до тие функционери, со цел да ја подобрат својата работа, во спротивно ќе следуваат промени.

„Секој мора да даде повеќе од вообичаеното. Ова не е време за комфор, туку за целосна посветеност“, порача Мицкоски, додавајќи дека Владата функционира во засилен режим на работа.

Тој потенцираше дека од функционерите се очекува да бидат постојано достапни за граѓаните, да комуницираат активно и да покажат емпатија. Според него, односот кон јавноста е клучен фактор за довербата во институциите.

„Граѓаните препознаваат искрен труд. Но, ако почувствуваат дистанца, игнорирање или надменост – тоа не се простува“, истакна премиерот.

Во однос на најавената реконструкција на Владата, Мицкоски потврди дека има конкретни забелешки за одредени имиња, не само во владините редови, туку и во институциите што се под нејзина надлежност. Како што рече, дел од нив не ги исполнуваат очекувањата или не се однесуваат соодветно на функцијата што ја извршуваат.

Loading