ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ФОКУС: РЕГИОНОТ СЕ СОБРА ВО СКОПЈЕ

Во Скопје вчера започна регионалната конференција посветена на интернационализацијата на високото образование, која обединува претставници од земјите од Западен Балкан и Југоисточна Европа. Настанот е во организација на Советот за регионална соработка (RCC), Светската банка и Министерството за образование и наука на Северна Македонија.

Конференцијата, која се одржува под мотото „Поврзување на иднините“, има за цел да ја засили регионалната соработка како двигател на квалитетот и модернизацијата на високото образование. Во услови на забрзана дигитализација и глобална конкуренција, учесниците дискутираат за нови модели на соработка меѓу универзитетите, институциите и бизнис секторот.

Настанот го отворија министерката за образование и наука Весна Јаневска, генералниот секретар на RCC Амер Капетановиќ и директорката на Светската банка за Западен Балкан Сјаоцинг Ју.

Јаневска посочи дека фокусот е ставен на создавање конкретен регионален патоказ што ќе придонесе за подобар квалитет на образованието и поголеми можности за студентите и академската заедница.

Во рамки на програмата се одржуваат министерски тркалезни маси и тематски панели за мобилност, иновации, партнерства со индустријата, како и за обезбедување квалитет и финансирање на високото образование. Посебен акцент е ставен на усогласување со европските стандарди и намалување на бариерите за движење на студенти и професионалци.

Капетановиќ нагласи дека регионалната соработка е неопходна за создавање усогласени и конкурентни образовни системи, додека од Светската банка беше истакнато дека ваквиот пристап отвора нови можности за развој на вештини и економски раст.

Конференцијата ќе резултира со подготовка на регионален политички документ и патоказ за интернационализација на високото образование, кој ќе ги обедини приоритетите и добрите практики од регионот.

Настанот е дел од активностите во рамки на стратегијата SEE2030, насочена кон зајакнување на регионалната соработка и развој.

Loading