Очигледно, кога Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) зборува за криминал, сиромаштија и изолација, тоа доаѓа од позиција на долгогодишно „искуство“. Партијата која со години ја уверуваше јавноста дека државата оди во вистинска насока, сега алармира за катастрофа – и тоа веднаш откако се најде во опозиција.
Во најновото соопштение, СДСМ жестоко ја критикува владата предводена од Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговите ставови за уставните измени значат практично замрзнување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Од партијата велат дека изјавата на премиерот, дека државата е подготвена да чека и со децении без уставни измени доколку нема јасни гаранции, е признание дека со оваа власт земјата нема да стане членка на Европската Унија.
Според СДСМ, ваквиот курс ќе доведе до продлабочување на сиромаштијата, засилено иселување на младите, како и неконтролирано ширење на криминалот и корупцијата.
Во реакцијата се упатуваат и обвинувања за коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и движењето ЗНАМ, за која СДСМ тврди дека има за цел распределба на економски интереси и тендери, наместо реални политики за подобрување на животниот стандард.

Дополнително, опозицијата го обвини Мицкоски за луксузен животен стил и поврзаност со бизнис-структури, посочувајќи дека ваквите примери се во остар контраст со реалноста на граѓаните кои се соочуваат со ниски плати и високи цени.
Од друга страна, премиерот Мицкоски останува на ставот дека Владата нема да прифати уставни измени без јасни гаранции за напредок во европскиот процес. Тој нагласува дека не смее да се дозволи компромис кој би го засегнал националниот идентитет без конкретни придобивки и предвидливост за државата.
Во меѓувреме, францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер оцени дека актуелниот геополитички момент треба да се искористи и дека напредокот кон ЕУ зависи од усвојувањето на уставните измени и од обновување на довербата со Бугарија.
Тој порача дека дијалогот меѓу Скопје и Софија треба да се фокусира на градење доверба, а не на повторно отворање на веќе договорени прашања.
![]()

