ДУИ ВО ЖЕСТОК НАПАД: СЕ КИНЕ ЛИ КЛУЧНАТА ВРСКА СО АЛБАНИЈА?!

Демократската унија за интеграција остро ја критикува одлуката за откажување на делницата Требениште–Ќафасан од Коридорот 8, оценувајќи дека станува збор за сериозен удар врз инфраструктурниот и економскиот развој на државата.

Од Демократска унија за интеграција посочуваат дека оваа делница е од клучно значење за поврзувањето на Северна Македонија со Албанија, како дел од поширокиот проект Коридор 8, кој има стратешка важност за целиот регион.

Партијата тврди дека ваквата одлука директно влијае врз регионалната соработка и ја намалува можноста за економски раст, потенцирајќи дека нивните претходни предупредувања за ризикот од прекин на проектот биле игнорирани од владините претставници.

„Пред еден месец кога укажувавме на опасноста од запирање на овој проект, нашите тврдења беа отфрлени како невистинити. Денес се покажа спротивното. Ова е уште еден пример за пропуштена можност и неодговорно управување со клучни проекти“, наведуваат од ДУИ, додавајќи дека ќе бараат одговорност.

Од друга страна, заменик-министерката Kaltrina Zekolli Shaqiri уверува дека поврзувањето со Албанија останува приоритет. Таа истакна дека проектот не е напуштен, туку се разгледуваат алтернативни решенија кои ќе бидат во согласност со меѓународните стандарди и препораките на UNESCO.

Според неа, се работи на избор на најсоодветна техничка варијанта, а паралелно се одвива и реконструкцијата на граничниот премин Ќафасан, што треба да придонесе за подобра функционалност и поврзаност меѓу двете земји.

И покрај различните ставови, останува отворено прашањето дали и како ќе се реализира оваа делница, која долго време се смета за еден од клучните инфраструктурни проекти во земјата.

Loading