Случајот со емитувањето на спорната содржина на МРТ 2 веќе одамна го надмина прашањето за уреднички пропуст и директно ја отвори дилемата – дали Јавното обвинителство на Република Македонија ќе покаже дека функционира по закон или ќе остане настрана додека јавноста бара одговорност? По јасните наоди на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дека е прекршен законот и дека содржината содржи елементи на поттикнување нетрпеливост, повеќе не станува збор за интерен медиумски проблем, туку за прашање со потенцијални правни последици.
Обвинителството има обврска – не избор – да постапува по службена должност кога постои „допрен глас“ за можни кривични дела. Во овој случај, гласот не само што постои, туку е јавно изразен, документиран и поткрепен со официјален извештај. Дали навистина е потребен уште „погласен“ аларм за да се активира механизмот на правдата?

Содржината што беше емитувана не е наивна детска точка, туку настап проследен со пораки и симболи кои може да се толкуваат како промовирање идеи за територијално обединување и редефинирање на граници. Во правен контекст, ваквите пораки отвораат сериозно прашање – дали станува збор за дејствија што можат да се подведат под загрозување на уставниот поредок? Ако се земе предвид дека истите се пласирани преку јавен сервис со национална покриеност, тежината на случајот станува уште поголема.
Но, можеби најчувствителниот аспект е фактот што ваквите пораки се пренесуваат преку малолетни лица. Тоа веќе не е само прашање на говор или симболика, туку и на можна злоупотреба на деца. Законите и меѓународните стандарди јасно забрануваат користење на малолетници за политички цели, особено кога тие не можат целосно да ја разберат тежината на пораките што ги пренесуваат. Во такви околности, одговорноста не е само морална – таа може да биде и кривична.
Токму тука се отвора уште едно непријатно прашање – каде се здруженијата за заштита на децата? Зошто нема јасна, гласна реакција од оние кои треба да „бекнат“ кога малолетници се ставаат во ваков контекст? Ако ваков случај не е доволен аларм за нивно јавно огласување, тогаш што е? Молкот на овие организации во вакви ситуации остава впечаток на селективна принципиелност и отвора дилема дали навистина се реагира кога е најпотребно.
Оттука, клучното прашање е: дали Јавното обвинителство на Република Македонија ќе го третира овој случај како изолиран медиумски инцидент или како потенцијален правен преседан? Дали ќе се отвори постапка за да се утврди дали има елементи на кривично дело, или повторно ќе се остави впечаток дека институциите реагираат селективно?

Ова не е само тест за конкретен случај, туку за кредибилитетот на целиот систем. Ако постои јавно достапен материјал, официјален извештај за прекршување на закон и сериозни сомнежи за злоупотреба на малолетници и можни дејствија што допираат до уставниот поредок – тогаш што точно е потребно за институциите да постапат?
Дополнително, останува отворено и прашањето за пораката што се испраќа со дозволувањето на ваков настап и неговото емитување. Дали тоа значи дека не постои свест за последиците, или пак дека намерно се игнорираат ризиците? Во двата случаи, одговорноста мора да биде утврдена – и индивидуална и институционална.
Молкот во вакви ситуации не е неутрален – тој е порака сам по себе. Прашањето е дали таа порака ќе биде дека законот важи за сите, или дека и овој случај ќе помине без епилог. Ова е моментот кога Јавното обвинителство на Република Македонија треба да покаже дали „допрениот глас“ навистина значи нешто во правната држава.

![]()

