ОД БОЛЕДУВАЊЕ ДО ОДГОВОРНОСТ: КОЈ СЕ РАЗБОЛЕ ЗА „ГОЛЕМА АЛБАНИЈА“?!

Емитувањето на контроверзна музичка содржина на Вториот програмски сервис на Македонската радио-телевизија отвори сериозни прашања за одговорноста во јавниот сервис и начинот на контрола на програмата. Станува збор за настап со песна која содржи пораки поврзани со концептот „Голема Албанија“, што предизвика бурни реакции во јавноста и институциите.

Програмскиот совет на Македонска радио-телевизија (МРТ) оцени дека со емитувањето на содржината на МРТВ2 е направено прекршување на член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Советот го задолжи генералниот директор Марјан Цветковски да отвори дисциплинска постапка со цел да се утврди кој ја одобрил или дозволил програмската шема во која се најде спорната содржина.

Претседателот на Програмскиот совет, Давор Пашоски, посочи дека покрај утврдување на индивидуална одговорност, неопходно е да се зајакнат и механизмите за надзор на содржините што се емитуваат, за да се избегнат вакви ситуации во иднина.

Во фокусот на постапката е и одговорната уредничка на МРТВ2, Мерита Гаши, за која неофицијално се споменува можност за разрешување. Сепак, останува нејасно дали таа ја подготвила или ја одобрила програмската шема, особено ако се земе предвид дека во моментот на емитување била на боледување.

Директорот Цветковски засега не открива повеќе детали за текот на постапката, нагласувајќи дека јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување и утврдувањето на сите факти.

Спорната содржина беше емитувана на 28 март во рамки на детска музичка програма, каде настапи 13-годишно девојче со песната „Билбилите на Кораб“. Настапот предизвика реакции поради визуелните и текстуалните елементи, вклучително и маичка со карта што го прикажува концептот „Голема Албанија“, како и стихови што повикуваат на обединување под едно знаме.

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) спроведе вонреден надзор и утврди дека со емитувањето на оваа содржина е прекршен законот. Според нивниот извештај, програмата содржела елементи што поттикнуваат етничка нетрпеливост, преку употреба на иредентистички симболи и експлицитни политички пораки.

Случајот повторно ја отвори темата за одговорноста во јавниот сервис и потребата од построга уредувачка контрола. Очекувањата на јавноста се насочени кон тоа дали ќе следуваат конкретни санкции и дали ќе се воспостават механизми што ќе спречат слични инциденти во иднина.

Поврзани вести:

НА КОЛКУ ДЕЦИБЕЛИ РЕАГИТРА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ – ДАЛИ „ГО ДОПРЕ“ ГЛАСОТ ОД МРТ?!

Loading